Јавен функционер преку агенција за привремени вработувања поставил на службена должност свој сопартиец во институцијата каде што работи, со можност да агитира врз луѓето да гласаат за нивната партија на претстојните избори. Ова е една од пријавите кои пристигнале до Државната комисија за спречување корупција, од каде денеска ги искритикуваа политичките партии дека гледаат на секој можен начин да делуваат врз гласачкото тело.
Антикорупционерите го следат актуелниот изборен процес во земјава со постапување по пријавите кои граѓаните може да ги достават преку веб страницата на ДКСК.
Досега во оваа Комисија се пристигнати 21 пријава, од кои 9 се однесуваат на активности преземани од општините, 6 пријави за незаконско постапување на одговорни лица во училишта и 5 за други државни институции.
„Доставените пријави се разгледани од нас. Една веќе е упатена на надлежно постапување на ДИК бидејќи се работи за дојава за активности пред почнување на изборната кампања, макар што сите сме свесни дека овој изборен процес почна многу порано од законски предвидениот рок. Една е отфрлена бидејќи нема повреда, а за другата ДКСК нема надлежност да постапува. По другите веќе се доставени барања до одговорните лица во прозваните институции за да се приберат информации за посочени наводи“, објасни денеска на прес конференција Катица Николовска од Антикорупциската комисија.
Николовска: Законските измени донесени спротивно од препораките
Таа потсети дека измените на Изборниот законик беа донесени во самиот ек на изборниот процес, што според неа, е надвор од сите препораки да не се вршат измени најмалку шест месеци пред денот на одржување на изборите.
„Се наметнаа обврски повеќе во делот на ДИК, но имаше и други членови со кои се зголеми процентуалното учество на двете носечки политички партии во однос на медиумското претставување за сметка на другите помали партии. Ако зборуваме за почитување, дајте прво да ги почитуваме законите што сами сме ги донел“, апелираше Николовска.
Таа рече дека кампањите највеќе се водат преку социјалните мрежи и на интернет воопшто, па Антикорупциска може точно да види што и како се случило, но санкциите зависат од самиот закон.
„За кривични санкции ако упатите тоа ќе трае со години додека се процесуира во судовите. Имаме непрактични законски решенија, но најголем проблем е што самите не ги почитуваме“, истакна Николовска.
Претседателката на ДКСК пак, Билјана Ивановска вели дека партиите многу успешно и умешно „темпираат“ да вршат одредени активности во овој период согласно законот. Таа на денешната прес конференција настапи критички кон сите политички партии и ги искара дека ги заобиколуваат законските прописи.
„Пример за тоа се активностите на терен уште пред да почне кампањата, а доказ за тоа се и пријавите за злоупотреба на државните ресурси. Партиите не покажуваат интерес за стандардите кои се градат во општеството преку нивното однесување. Како резултат на отсуство на санкции, партиите не водат сметка за своите јавно дадени ветувања – пример за тоа се програмите и нереалните ветувања“, рече Николовска укажувајќи дека сите што „трчаат“ во овој круг имале време 4 години претходно да покажат колку можат, колку знаат и какви програми може да спроверат.
„Имаме пријави од разен вид и дека се употребува службено гориво во приватни автомобили и имаме начин како тоа да го покриеме, се трудиме да ги покриеме ризиците кои укажуваат на отсуство на интегритет во изборниот процес“, објасни Ивановска.
Таа е децидна дека изборната кампања треба да биде транспарентна, но сепак забележува дека партиите манифестираат политичка култура со низа неправилности игнорирајќи ги законите.
-Тоа е главната причина за сѐ пониската излезност на изборите, што пак го доведува во прашање легитимитетот на изборниот процес – додаде Ивановска.
Претседателката на ДКСК информираше и дека организирале онлајн дебата со претставниците на партиите, но никој од нив не се јавил за збор. Според антикорупционерите, тоа значи дека тие не се заинтересирани да го подобрат квалитетот на изборниот процес.
Од Антикорупциска посочија дека со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи обезбедиле 16 набљудувачи на изборните активности во кампањата во 46 општини.
Ангажирани се и четворица аналитичари кои ќе ги следат секојдневните промени на трансакциските сметки со цел да вршат анализи во однос на валидноста и кредибилитетот на лицата што уплаќаат донации на трансакциските сметки, а со тоа и да се види дали тие финансиски средства се обезбедени од нелегални извори или од анонимини извори, кои се забранети.
В. Ми