Четири години откако почна да се применува дуалното образование со цел да се намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, резултатите од него се уште не се видливи. Професорот по компјутерска техника во електро-машинското средно училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци, Димитрија Ангелков, е пионер во реализирањето на дуалното образование и во разговор за ММС откри кои се проблемите на оваа идеја која од стартот е можеби погрешно поставена и што може да се подобри во следните неколку години.
– Идејата е 60% да биде во пракса во компанија, 40% да биде настава. Општо образовните предмети да бидат на школо, а стручните да се предаваат во фирми. Само учење преку работа е вистинско учење, ова со 20% практична работа не функционира. Треба повеќе вежби, детето само да креира, да согледува, да истражува, џабе ќе му цртам струјно коло кога гледа правоаголник со две линии. Друго е кога ќе го фати отпорникот и ќе се изгоре на рацете – истакна професорот Ангелков и додаде дека дуалното образование кај нас не постои вистински.
Ангелов вели дека за пракса во фирмите предност треба да имаат послабите ученици, ученици кои тешко живеат или кои се социјални случаи. Тие полесно се интегрираат затоа што на тој начин ќе имаат приход за своето образование.
– Дуалното образование во Германија е направено до трет степен, за тригодишно школо. Дуално не е за инженери, за програмери, тоа е за послабите ученици. Тие послаби ученици не можат да учат на табла и да слушаат, тие сакаат инструмент, алат, да работат и плата да им се даде. Во нашиот закон стои секој ученик над 15 години може да работи четири часа дневно, да биде осигуран и да зема плата после училиште. Кај нас и тоа е злоупотребено, децата одат по лозја, работат во градежни фирми без осигурување – откри професорот Ангелков кој постојано прави иновации за што беше и прогласен за иноватор за 2020 година.
Дека тоа што го зборува е точно, покажа и примерот со неговото училиште кое има најдобри резултати со најслабите ученици од дуалните паралелки.
– Ние имаме најдобри резултати со најслабите ученици. Тоа се автомеханичарите. Тие деца уште во втора година одат на пракса кај некој автосервис и потоа кога ќе завршат третата година, обично две од нив се здружуваат и со помош од Агенцијата за вработување земаат кредит за самовработување по 5.000 евра. Ќе си купат машини, нови или половни. Многу деца во пар си отвораат фирми. За тоа дете со трет степен нема огласи за вработување, никој не ги бара. А тие деца растураат во пракса, најдобро се интегрираат сами. Затоа што праксата се применува уште во прва година учење преку работа, тоа е суштина на дуално образование. Ние во училиште имаме автосервис и кај нас доаѓа цел град благодарение на тие деца што работат пракса. Затоа секое училиште треба да има школска компанија – вели Ангелков.
Иноваторот вели дека и професорите бегаат од практична настава и на никого не му се работи за “мала плата“.
– Сега во училиштата ниту професорите не сакаат да работат со децата. Сите бегаат од практична настава. Но, работел не работел, платата е иста за сите. Згора на тоа на професорите не им се работело за 28.000 денари затоа што во фабрика ќе заработувале повеќе, требало плати од 1.000 евра. За што? За незаинтересираност ли? – прашува Ангелков.
Тој се осврна и на програмата Кембриџ која била функционална во Велика Британија затоа што училиштата ги имале сите помагала преку кои таа се реализира.
– Кембриџ се воведе, тоа е навистина добра програма, но Кембриџ без материјали не функционира. Кај мене по практична настава, опремата за втора година чини 10.000 евра, односно секое дете да добие унимер, осцилоскопи, клешти, сигнал генератори… За 14 години кај мене во праксата има инвестирано само 60.000 денари. Среќа што се од дома си носам, па на децата им покажувам – објасни професорот.
Ангелков го почнал проектот за дуално образование со Германецот Уве Грунер, со кого развиле модел како да го ископираат целиот образовен систем на Германија без притоа да го прекршат Законот за образование или да им пречат на МОН и на Бирото за развој на образованието.
– Клучно е тоа еден професор да ги предава сите стручни предмети. Така не треба да има законски измени и промена на програмите, а ќе имаме дуално образование. На тој начин би можел неколку дена во неделата со учениците да правам вежби во фабрика со инженерите таму. Само учење преку работа е вистинско учење – додаде Ангелков.
Професорот истакна дека во Шведска веќе се користи решението еден наставник да предава по сите стручни предмети во еден клас. Со тоа наставникот работи со помалку ученици и може да се посвети целото инженерско знаење да го пренесе на своите ученици. Со ова се решаваат сите проблеми и се унапредува образованието максимално.
-Решението за одржување на наставата по школите во услови на пандемија е старо 2400 години. Школата на Сократ било базирана на менторска настава. Еден наставник по сите стручни предмети за група на ученици. На овој начин наставата во стручните школи може да се одржува три дена со еден ист наставник по три часа дневно затворени во една просторија со еден клас. Класот ќе биде поделен на две групи по 15 ученици без прекини со практични вежби по сите стручни предмети во текот на денот и така наставникот ќе има 30 работни часа неделно – дополни Ангелков.
Орце Костов