Идентитетските прашања не може да бидат предмет на преговори, истака премиерот Заев, додека претседателката на Европската Комисија Фон Дер Лајен испраќа позитивни сигнали за започнување на првата меѓувладина конференција.
Со двете страни работиме и разговараме, и со Бугарија со цел да ја надминеме оваа последна пречка и има многу добри идеи за кои што вреди да се размисли, се со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен како одговор на новинарско прашање.
Таа изрази позитивност во однос на одржување на првата меѓувладина конференција за Македонија кон крајот на годината.
„Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината. Има многу работа, сметам дека е добар процес, многу разговори, зашто што има многу теми коишто може да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван од овие теми“, изјави Фон Дер Лајен.
На новинарското прашање, доколку спорот со Бугарија не биде решен дали пакетот Македонија – Албанија ќе биде разделен во декември или напролет, претседателката не беше директна во својот одговор она што го истакна е дека сега е важно двете држави да започнат со преговорите до крајот на годината.
Премиерот Заев истакна дека ќе се бара решение со Бугарија кое ќе се темели на европските вредности, правила и каде идентитестките прашања се важна работа и се почитуваат. Вели дека во тој дел има и позитивни сигнали.
„Тоа е патоказот преку кој ќе ја унапредиме соработката и ќе ја забрзаме согласно Договорот за пријателство и добрососедство, и внатре се двете ноти за краткото, долго име, не мешање во внатрешните работи и јас верувам дека ќе постигнеме договор на темелите на предлогот на Португалското претседателство, кое што и Словенечкото претседателство го прифати како можно решение, коешто реално е прифатливо и за двете страни и тука некаде е решението. Но духот на пријателството, соработката и добрососедството треба да го негуваме двете страни“, рече Заев.
Фон дер Лајен во Скопје пристигна од Тирана, каде што се сретна со тамошните власти. Заедничката прес-конференција со Заев ја одржаа во Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со европски пари.
Таа во наредните три дена ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан. Како што беше најавено во Брисел, таа утре ќе ги посети Косово, Црна Гора и Србија, а ден подоцна, Босна и Херцеговина.
Таа се среќава со балканските лидери една недела пред Самитот ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.
Г.Д