(видео) Ве повикувам да не губите верба, дојдовте до тука, изодевте толкав пат, ајде сега да направиме уште еден чекор понапред кон ЕУ, порача Фон Дер Лајен – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/21 5:21 PM

(видео) Ве повикувам да не губите верба, дојдовте до тука, изодевте толкав пат, ајде сега да направиме уште еден чекор понапред кон ЕУ, порача Фон Дер Лајен

Не губете верба, ние ве сакаме порача денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен на заедничката прес конференција со премиерот Заев.

„Вистината е дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, ве сакаме покрај нас, Европската Комисија и јас самата стоиме на тоа“, истакна претседателката Фон Дер Лајен на прес конференција, при што потенцираше дека сега на ред е ЕУ да испорача.

„Јас целосно го поддржувам, од дното на моето срце, формалното отворање на пристапните преговори што е можно поскоро. Сакам овие преговори да се отворат со Северна Македонија и Албанија, колку што може побрзо. Ве повикувам да не губите верба, дојдовте до тука, изодевте толкав пат и направивте толкав напредок, ви честитам за сето тоа. Ајде сега да направиме уште еден чекор понапред. Вие имате поддршка од многу пријатели во Европската Унија и Комисијата и ајде да работиме вредно кон одржувањето на таа прва меѓувладина конференција, тоа ќе биде прва ваша заедничка цел“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, која истакна дека тимот на Европа останува со нас, а тоа го покажале со финансиската помош во време на пандемија и донацијата на вакцините.

Премиерот Заев пак потврди уште еднаш дека преговорите со Бугарија ќе продолжат за изнаоѓање решение преку билатералните односи преку взаемно почитување и заштита на националното достоинство, но како што рече тој идентитестките прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори.

„Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме дополнителните прифатливи за деблокирање за проширувањето на ЕУ и очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја одобри преговарачката рамка во согласност со ставот на сите останати 26 земји членки. А, ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. Овој процес нема алтернатива и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел членство во ЕУ низ целосна имплементација на европските вредности и стандарди“, рече Заев.

Премиерот  верува дека со Бугарија ќе се постигне договор на темелите на предлогот на Португалското претседателство, кое што и Словенечкото претседателство го прифати како можно решение, коешто реално е прифатливо и за двете страни рече Заев.

Г:Д