Ветувања за подобро утре – Што рекоа и од каде ќе се обратат денес партиите за локалните избори – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/21 12:55 PM

Ветувања за подобро утре – Што рекоа и од каде ќе се обратат денес партиите за локалните избори

Започна предизборието за Локалните избори 2021 година кои трeба да се одржат на 17 ти октомври.  Кандидатите веќе ги започнаа своите кампањи и претставување на програмите пред граѓаните. Она со што сите се сложија е одговорно и отчетно управување, создавање подобра иднина, единство без разлика на етничката припадност и поставувањето на интересите, потребите и барањата на граѓаните на прво место.

Христо Кондовски кандидат за градоначалник на општина Битола од редовите на СДСМ,  вчера од говорницата се обрати пред своите сограѓани при што истакна дека неговите приоритети доколку стане градоначалник ќе биде визијата за поубава Битола со нов сјај и најнови бројни проекти.

Тој најави изградба на подземна сообраќајница и подземна гаража во центарот на градот, модернизација и реконструкција на трите градски сообраќајни влезови во Битола и обнова на локалната индустриска сообраќајна артерија за поттикнување на локалниот индустриско-економски развој. Широк Сокак ќе стане континуирана пешачка зона, Битола ќе биде велоград, ќе добие голем мултифункционален спортски центар и технолошки парк, а за најмладите целосно модернизирана и просторно проширена зоолошка градина со зголемен животински фонд за 20%.

Тој најави дека Битола ќе биде зелен град, со зголемени зелени градски површини за 30%, ќе ги развиеме зелените површини на Тумбе кафе и ќе никнат многу нови детски паркови. Кондовски најави дека во Битола ќе се скија и кога нема снег, бидејќи ски центарот Ниже поле ќе добие современа опрема за заснежување и правење на вештачки снег, а ќе се заменат и трите ски лифтови со нови.

ВМРО ДПМНЕ свој кандидат за градоначалник на општина Охрид го претстави Кирил Пецаков, кој пред охриѓани вети проекти за промени и победи. Тој вети дека Охрид треба да е град во кој младите треба да го гледаат својата иднина, град кој треба да блесне со сиот свој сјај, град атрактивна туристичка дестинација. Вети економски силна општина со сериозни проекти и инвестиции, со буџет креиран од страна на граѓаните согласно нивните потреби, борба за секое работно место, нови инвестиции, индустриска зона во која локалните компании ќе најадат интерес и за отворање на нови работни места со што ќе се сопре иселувањето. Подобрување на инфрастуктурата, изградба на ново модерно основно училиште, изградба на градинка, поддршка за спортот и спортските клубови, нови мултифункционални современи игралишта.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети од собир во Гостивар порача дека неговата партија под мотото „Одбери живот, гласај зелено” и овој пат има понуда која ќе им биде од корист на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Вети почиста животна средина, поздрав живот, при што истакна дека на 17 октомври не само оние што гласаа за ДУИ, така и сите граѓани, не само Албанци, туку и Македонци, Турци, Бошњаци, Срби треба да гласаат за агенда која го штити здравјето на сите. Тој нагласи дека ДУИ нуди платформа за „зелена агенда, агенда за живот”, која бара знаење, внимание, експерти, а најави и натамошните планови, кои ги нарече задачи што треба да се завршат, како проверката (ветингот), судските реформи, борбата против корупцијата и криминалот.

На стартот на изборниот караван на движењето „Одлучно за промени”, водено од ДОМ и ЛДП, на собир во Скопје, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин порача дека е време е да престане бетонизирањето на секоја слободна површина во градовите, да се понуди чист воздух, да се поттикне органското производство на храна, да се вложува во развојот на еко-туризмот и дигитализацијата на општини, бидејќи и ние и поколенијата коишто доаѓаат по нас сакаат да живеат во модерни современи средини.

Таа нагласи дека нивното Движење навистина е одлучно во сите општини да донесе промени за кои „сите мечтаеме и кои ни се на сите нас потребни, за да можеме да имаме еден здрав, квалитетен живот, да гледаме среќни луѓе на нашите улици”.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски посочи дека направиле една моќна политичка групација на силни индивидуи, интелектуалци, луѓе кои размислуваат со сопствената глава.

– Сакаме граѓаните да бидат на прво место, нивните интереси, потреби и барања. Сакаме да живееме во места кои ќе зрачат со топлина и светлина. Места во кои ќе има зелени паркови и детски катчиња, места каде нема да има загаден воздух, застој во сообраќајот, гужви на шалтерите. Сакаме градоначалници кои водат грижа за нашите возрасни граѓани, за пензионерите. Сакаме да направиме општини каде нема да мора да фаќате врски да запишете дете во градинка, каде нема да ви требаат врски да најдете место во старски дом. Општини кои ќе овозможат нашите идни генерации да спортуваат и да водат здрав живот, нагласи Милевски.

Според досегашните најави, коалицијата предводена од владејачката СДСМ денеска ќе го продолжи изборниот караван „Најдоброто за мојата општина” со собир во Чаир, Кисела Вода и Петровец. Опозициска ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, денеска под слоганот „Создади нова иднина!” ќе ја претстави својата изборна кампања во Вевчани, Дебарца, Струга и Ресен. Демократската унија за интеграција (ДУИ) својата програма за претстојните локални избори ќе ја презентира пред граѓаните во Тетово, а Движењето „Одлучно за промени” на ДОМ и ЛДП во Виница и Берово.