Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев најпопуларни политичари од осамостојувањето до денес – ММС
ММС

Објавено на: 09/27/21 4:39 PM

Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев најпопуларни политичари од осамостојувањето до денес

Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев се најпопуларните политичари во изминатите три децении, оцениле испитаниците опфатени со истражувањето на фондацијата „Конрад Аденауер” и Институтот за општествени истражувања „МК91″, по повод 30 години од независноста на државата.

Од вкупниот број испитаници, 42 проценти дале највисока оценка 5 за поранешниот претседател Борис Трајковски, 33 проценти дале оценка 5 за поранешниот претседател Киро Глигоров и 21,1 процент дале петка за поранешниот премиер Никола Кљусев.

Според резултатите од истражувањето, 43,1 процент сметаат дека државата има успешен развој изминатите три децении, што претставува разлика од 6,9 проценти во однос на оние што имаат спротивен став.

Како најпозитивни нешта изминатите три децении испитаниците ги посочуваат стекнувањето на независноста на државата (15 проценти), процесот на интеграција и самата интеграција во ЕУ и во НАТО (6,3 проценти) и напредокот и модернизацијата на земјата (2 проценти).

Негативни нешта, според испитаниците, се криминалот и корупцијата (12,7 проценти), економијата и животниот стандард (7,1 проценти) и политичката нестабилност (3,1 процент).

– Во овој дел важно е да се укаже дека високи 70 проценти од испитаниците не можат или не знаат да одберат кој настан е најпозитивен во изминатите 30 години, како и 56,8 проценти од испитаниците кои не можат или не знаат да одберат кој настан е најнегативен изминатите три децении, велат од фондацијата „Конрад Аденауер”.

Поддршка за Охридскиот рамковен договор даваат 46,3 проценти од испитаниците, 38,5 проценти го поддржуваат потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а 41,5 проценти Преспанскиот договор.

Членството во НАТО го поддржуваат 59,8 проценти, а 38 проценти позитивно го оценуваат процесот на евроинтеграција.

Во однос на западните држави-сојузници, највисоки оценки има за Германија (69.5 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење за неа) и за САД (57.4 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење).

Позитивни оценки дибиле и Кина (60,2 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење), Русија (61,6 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење) и Турција (79,5 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење).

За 35,6 проценти од испитаниците, во следните три децении државата ќе се развива подобро, за 22,6 проценти ќе се развива полошо, а за 16,6 проценти државата ќе има сличен развој како и досега.

– Ова значи дека за 13 проценти е поголем бројот на испитаниците кои позитивно гледаат на развојот на државата во следните 30 години, што упатува на заклучокот дека постои изразено ниво на оптимизам кај испитаниците во однос на иднината на Северна Македонија, а причините за тоа треба да се бараат во посилниот државотворен капацитет на граѓаните, како и во нивната приврзаност кон остварената независност на државата, оценуваат од „Конрад Аденауер”.