Недела неработен ден најверојатно по изборите, законските измени заглавија во Собрание – ММС
ММС

Објавено на: 09/26/21 11:16 AM

Недела неработен ден најверојатно по изборите, законските измени заглавија во Собрание

Пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори што треба да се одржат на 17 октомври, пратениците не успеаја да ги донесат измените на Законот за работни односи со кои недела требаше да се прогласи за неработен ден за повеќето дејности. Тие, иако требаше да бидат донесени порано и да почнат да се применуваат од 1 октомври, најверојатно ќе бидат усвоени по завршување на локалните избори, со оглед на тоа што беше најавено дека Парламентот дотогаш нема да заседава.

Законските измени заглавија на второ читање на собраниската Комисија за труд и социјална политика, на која требаше да има амандманска расправа, а на неодредено време беше одложена и пленарната седница на чиј дневен ред беше ова законско решение.

Поради роковите околу претстојните локални избори до крајот на следниот месец нема да се одржуваат седници во Собранието, што значи дека овие измени нема да се донесат според рокот предвиден од Владата.

Власта ја обвини опозицијата за кочење на донесувањето на ова законско решение, бидејќи, како што нагласуваат, ја закочила амандманската расправа на седница на Комисијата. Од СДСМ велат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието наместо да се посветат на интересите на граѓаните, се посветени на блокади, деструкции за лични и партиски интереси.

Според партијата, во Комисијата за труд и социјална политика, „деструктивното ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на законот со кои недела станува неработен ден за 92 отсто од работниците”.
-ВМРО-ДПМНЕ е насочена директно против интересите на граѓаните и интересите на државата како ниту една друга опозиција во светот. Таквото деструктивно однесување граѓаните го ценат и соодветно ќе го казнат и на овие избори,  велат од СДСМ

Од ресорното Министерство за труд и социјална политика потенцираат дека не ја разбираат, како што велат, блокадата на ова законско решение со оглед на тоа што за него бил постигнат општествен консензус и оти тоа било усогласено и со синдикатите и со работодавачите.

-Упатуваме апел до пратениците на опозицијата, да покажат одговорност за остварување на правата на работниците кои произлегуваат од ова законско решение. Со тоа ќе  се создадат услови да помине Предлог-законот за недела ден на неделен одмор низ собраниска процедура. Секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат, велат од МТСП за МИА.

Од опозицијата пак, пак, велат дека немале намера да го кочат носењето на ова законско решение, иако сметаат дека тоа нема да овозможи недела неработен ден за сите граѓани, поради предвидените 40-тина исклучоци кои ќе работат во недела, туку дека само барале точката од невниот ред да се дополни со информација за пожарот во кој изгоре модуларната ковид болница во Тетово заедно со уште 14 лица, што власта не го прифатила. Собранието, велат работи во хаос и за тоа е виновна власта.

-Најлесно им е вината да ја префрлат на опозицијата. А, на опозицијата работа и е во Парламентот да укажува на сите оние неправилности кои што планираат од Власта да ги спроведат, на оној хаос кој што се воведува на комисиите кои што се предводени од нивните претседатели, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија од каде велат дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното и оти така јакне довербата помеѓу социјалните партнери. Така, велат од ССМ, тие се мотивираат за унапредување на системот на преговарање како начин за уредување на законите и националните политики и стратегии. За пробивањето на роковите треба да постојат сериозни причини за кои треба како единствен  репрезентативен синдикат да бидеме навреме информирани.

Тие, како што нагласува за МИА претседателот на ССМ Дарко Димовски, интервенирале да се одржи комисиската расправа во вторникот и очекувале дека предложените измени на Законот за работи односи ќе бидат донесени за да можат навреме да стапат во сила.

-Очекуваме тоа што социјалните партнери го договориле на ниво на Економско социјален совет целосно да се почитува и да се реализира од страна на Собранието, вели Димовски.

Но, тој истовремено потсетува дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела, според ССМ , треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. ССМ уште еднаш укажува дека останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог Законот за работните односи, да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот.

Тој напоменува дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во 7 дена од неделата.

-Сметаме дека помошните​ дејности и придружните работи од ставот (3) алинеи 40 и 41 на членот 2 од Предлог Законот треба да се прецизира​ точно за кои работни места ќе станува збор, а ние сметаме дека треба да се однесува едиствено на обезбедување и заштита на објектите и одржување на ИТ уредите за непречено извршување на основната дејност на работодавачот и евентуално дополнување за уште едно до две работни места кои ненамерно се пропуштени. Предлагаме при прекршување на одредбите од член 134, за оние работодавачи кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат во исклучоците, забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење, а не во работниот простор или работа просторија каде е утврдена неправилноста односно работата во недела, вели Димовски и додава дека доколку овие нивни барања не бидат дел од Законското решение, повторно ќе ги бараат во новиот текст на Законот за работните односи.

Со предложеното решение прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден во текот на следната седмица за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за за оние кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со измените во Законот за трговија.

Исклучок од неработењето во недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.

Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Со измените за законот за трговија трговските центри кои ќе работат во недела и на празници ќе треба да платат надоместок во висина од 2 проценти од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, а тие средства, како што најавија од МТСП ќе се инвестираат во детски градинки.

Законот помина на владина седница на 8 јуни годинава. Од Владата тогаш посочија дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Тоа, рекоа, ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавачите, а со тоа и на работниците. Синдикатите и тогаш и сега бараат поголеми заштитни механизми. Работодавачите сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.

На законски измени за воведување на недела како ден за одмор работеше и Министерството за економија. Тоа ги изготви измените на Законот за трговија со кои се регулира ова прашање.

 

 

МИА