Учениците не се ризик фактор за ширење и заболување од ковид 19. Во наш интерес и секако во интерес на децата е училиштата да не бидат затворени. Отсуството од физичката настава во изминатите речиси две години со онлајн настава донесоа и низа незадоволителни резултати во однос на читањето. Се чувствува нивната мака и во совладувањето на наставните содржини, “ смета Марјан Костадиновски, претставник на СОНК, гранков синдикат во рамките на КСС.
Тој на дебатата на Младинскиот културен центар Битола организирана во соработка со Локалниот економско социјален совет на тема Социо-економската состојба во Штип во време на пандемија, ја презентираше состојбата и предизвиците со кои што се соочува штипското образование.
Според него во училиштата строго се почитуваат протоколите за заштита во услови на пандемија како за време на наставата така и во останатиот тек на училишниот ден. Многу е неизвесно вели Костадиновски, како ќе се одвиват понатаму наставата со задолжителното носење на маските.
„Тешко се издржува со носењето на маските, децата се збунети, кога треба, кога не треба да ги тргаат маските. Со заладување на времето, ќе се појават и другите вообичаени во овој период, вирози, грип, настинки. Како можеме да бидеме сигурни, колку време детето ја носи истата маска? Не би рекол дека ковидот е многу опасен кај децата, поопасно е тоа што ќе го пренесат дома,“ додава Костадиновски.
Во врска со потребата за користење на боледување кај вработените заболени од ковид 19, засега немало забележано примери за злоупотреби или неможност истото да се користи.
Сепак тој укажа на еден друг проблем, околу потребата од вршење на дополнителна настава и неисплаќањето на истата од страна на директорите на некои училишта и покрај укажувањата и упатствата од страна на Министерството за образование. Овие наставници се подготвуваат да го тужат училиштето.
„ Јас лично како претседател на синдикат, не сум за тужба, секогаш сум да се постигне договор, да се укаже на работодавачот-што понатаму, за последиците. Дали ние ќе заситуваме некои адвокати или пак ќе се бориме тоа што е наше да си остане во училиштето и нормално како што е договорено така и да се исплати и да се продолжи понатаму,“ додава Костадиновски.
На дебатата на која што присуствуваа претставници од повеќе институции , претставник од Агенцијата за вработување ги презентираше активните мерки коишто се во тек и коишто во најголем дел се насочени кон работниците кои останале без работа поради последиците од пандемијата.
„Анализата на состојбите вели дека државата има многу активни мерки коишто многу бргу се користеа посебно во времето на пандемијата, но од друга страна се покажа и дека не се доволни. Ова значи дека не на секој којшто ималше потреба од поддршка и помош му беше излезено во пресрет и затоа ќе се обидеме преку вакви дебати да дизајнираме мерки за посебни целни групи коишто беа посебно погодени од пандемијата и многу погенерално да видеме како на една маса можат да седнат работници, работодавачи, сите локални институции и заедно да ги решаваме проблемите, смета Борис Шарковски од ЛЕСС.
За жал иако биле поканети, на дебатата не присуствуваше ниту еден претставник од бизнис секторот.
Настанот е во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска. Панел дискусијата е предвидена активност на Локалниот економско социјален совет (ЛЕСС) Штип за вклучување на сите релевантни локални актери во дебата за актуелните социо-економски случувања.