1,9 милиони евра за штети во земјоделството и сточарството исплатија осигурителните компании – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/21 9:48 AM

1,9 милиони евра за штети во земјоделството и сточарството исплатија осигурителните компании

Градот и мразот се најизразени ризици во земјоделското осигурување. Во првите шест месеци годинава над 70 отсто од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството и сточарството се поради последници од овие природни непогоди.

Како што соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), земјоделците ги препознаваат градот и мразот како најголеми опасности и поради тоа најмногу вложуваат во осигурување од овие ризици. За првите шест месеци вредноста на купени полиси кои осигуруваат од град и мраз достигна пет милиони евра или 26 отсто повеќе од истиот период лани.

Земјоделци и сточари наплатиле вкупно 162 милиона денари од штети покриени со осигурителни полиси за првите шест месеци оваа година. Во вкупниот износ на исплатени земјоделски и сточарски штети за уништени посеви, плодови и угинат добиток во континуитет доминира исплатата на штети предизвикани од град и мраз, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата.

-Штетите предзвикани од град или мраз континуирано имаат најголемо учество во износот на исплатените штети покриени со земјоделско осигурување. За првите шест месеци од овие природни непогоди се исплатени штети, за уништени посеви и плодови, во вкупна вредност од 117,85 милиони денари. Тоа е 72 отсто од сите исплатени штети во земјоделството и сточарството во овој период. Слична е статистиката и за првите полугодија во претходните две години. Во 2020 година за штети од град и мраз земјоделците наплатиле 99,5 милиони денари, односно 74 отсто, а во 2019 година 78 отсто од сите исплатени штети во земјоделството, наведува АСО.

Вкупниот износ на штети кои земјоделците ги наплатиле од осигурителните друштва, за првите шест месеци годинава е 162 милиони денари. Истиот период лани износот на исплатени штети за земјоделски осигурувања е помал за 22 отсто и  изнесувал 132,4 милиони денари. Во првата половина на 2019 година земјоделците од штети наплатиле 78,4 милиони денари.

Според Агенцијата, вкупните вложувања на земјоделците и сточарите во осигурување за првото полугодие годинава изнесуваат 398,4 милиони денари. Тоа е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период 2020 година кога вложувањата во осигурување посеви, плодови и добиток биле 331 милиони денари. Континуитет во растот на вложувања се бележи и во споредба со 2019 година кога вредноста на земјоделските осугурувања во првата половина од годината изнесувала 241,2 милиони денари.

МИА