Штипјани за околу еден месец може да очекуваат растеретување на сообраќајот низ градот, бидејќи обиколницата која се реконструира ќе биде ставена во функција, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
На обиколницата по клучката Три чешми – Штип веќе некое време се работи, па сите оние кои патуваат од и кон југоистокот, се пренасочуваат и поминуваат низ градот, а влегуваат по стариот пат. Штипјани пак овој пат за влез во градот, кој веќе е руиниран, го користат повеќе од две години.
Одговарајќи на новинарско прашање за мостот кај Три чешми, за кој граѓаните се жалат дека веќе некое време не се работи на него, а тие имаат отежнат пристап до своите домови, Бочварски повика на трпение.
– Целиот мост кај три чешми се сруши целосно и се изгради нов мост, веќе се прави насипот и ќе биде целосно изреконструиран до ниво на експресен пат. Се работи активно да се реши ова прашање, но секогаш при вакви обемни градежни зафати во делот на патната инфрастурктура, патиштата мора да бидат пренасочени. Апелирам до граѓаните да бидат трпеливи бидејќи целиот овој експресен пат од спојката Миладиновци – Штип до Радовиш треба да биде завршен до април следната година, рече Бочварски.
Освен обиколницата, тој најави и пуштање во сообраќај на делницата од Бучим до Радовиш до крајот на октомври.
Министерот и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, денеска извршија увид на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш.