И додека на граѓаните и бизнисите им оди тешко да сврзат крај со крај за време на корона кризата – кај извршителите нема застој во работата. За шест месеци од годинава наплатиле речиси 54 милиони евра од граѓаните и компаниите, или месечно по извршни решенија наплатувале по 301.000 евра. А дневно на сметка им легнувале по 10.000 евра од должници кои покрај долгот, мора да платат и камати, адвокатски, нотарски и извршителски трошоци, како и награди за нив. Ако се соберат бројките излегува дека за 15 години извршителите во земјава наплатиле речиси 1,4 милијарди евра од граѓаните и компаниите.
Податоците од Комората на извршители за шесте месеци од годинава, пак, покажуваат дека наплатиле речиси исто пари колку истиот период лани. Додека послабо од 2019 година кога за шест месеци „извршиле“ најчесто од сметките на граѓаните и компаниите дури 63 милиони евра.
Тоа што за шест месеци им одело малку подобро од истиот период лани за извршителите се должи на тоа што лани на почетокот на корона кризата беше суспендиран законот и не се извршуваше.
„Сепак благото зголемување на наплатата во однос на лани се должи на тоа што во минатата година 6 месеци беше суспендиран законот.Значи ланските барања кои не биле поднесувани, сега засилено се поднесуваат. Исто така зголемениот износ може да е резултат и на 2-3 големи предмети од по неколку милиони евра“. – велат од Комората на извршители.
Но сепак не откриваат кои се тие предмети тешки и по неколку милиони евра, бидејќи такви податоци не собирале.
„Комората не собира податоци за поединечата вредност на секој предмет, што значи дали се продала некоја јахта или голем имот не знаеме. Ниту знаеме колку изнесувал најголемиот предмет.“- велат од Комората.
Податоците покажуваат дека за само шест месеци од годинава примиле 59.993 барања за извршување, извршиле 7.182 или 11,97% од примените барања. Лани пак за истиот период примиле 36.066 барања, а извршиле само 2.943. А за првите шест месеци од 2019 година примиле 55.400 барањаи извршиле 5.887. Или тогаш наплатиле за речиси 10 милиони евра повеќе пари од истиот период годинава.
(А.С.)