Кичевските пензионери фаќале врски во Македонски шуми да им го донесат огревот што го платиле во февруари – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/21 1:44 PM

Кичевските пензионери фаќале врски во Македонски шуми да им го донесат огревот што го платиле во февруари

Доцни испораката на поголемиот дел од договореното количество на огревното дрво за кичевските пензионери. Така, наместо како што беше ветено од Подружницата на„Лопушник” Кичево, целокупните количества на огревно дрво да бидат испорачани во оптималниот рок до крајот на август, поголемиот дел од договорените количества, пред се даб, до денес не се испорачани.

– Кога ја започнавме уплатата на огревно дрво на почетокот на февруари, од „Лопушник” ни беше ветено дека годинава нема да се повторат ланските проблеми и се што е договорено ќе биде испорачано најдоцна до крајот на август и дека годинава навремено ќе обезбедат доволно камиони за целокупната испорака да заврши во текот на летото, вели Душан Ристоски, претседател на Здружението на пензионери од Кичево.

Тој нагласи дека за да се подобри состојбата биле принудени да побараат помош и од дирекцијата на„ Македонски шуми”  во Скопје, од каде им укажале на првите луѓе на „Лопушник” што поскоро да се заврши испораката на огревното дрво.

-По нашите ургениции во Македонски шуми, од кичевската подружница ветија дека наскоро ќе обезбедат уште еден камион и во текот на месецов и првата половина на октомври во целост ќе ги испрачаат договорените количества. Ни преостанува да почекаме и да се увериме дали ветената испорака ќе се изврши во дополнителниот рок,  додава Ристоски и нагласи дека проблемот настанал и поради  немање доволни залихи на дабово дрво за испорака.

-Проблемот се случи и од недостаток на пресечено дабово дрво и сега  се организира сеча на дабово дрво, од која ќе бидат обезбедени количества за испорака на кичевските пензионери, бидејќи  90 проценти од дабовото дрво не се испорачани, изјави Ристоски.

 

МИА