Министерството за образование и наука објави повторени конкурси за доделување на стипендиите наменети за ученици кои се запишани во дуални паралелки и за стипендиите за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование.
Се доделуваат преостанати 900 стипендии од оваа категорија, откако со првичниот конкурс не беа распределени сите 1500. Можат да аплицираат редовни ученици запишани во дуални паралелки, кои не повторувале година, не се корисници на стипендија од друг давател и се државјани на Република Северна Македонија.
На конкурсот за доделување на стипендии за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование предвидено е да бидат доделени 390 стипендии и тоа за редовни ученици од средно образование кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење, кои се државјани на Република Северна Македонија, немаат повторувано година во текот на образованието и не се корисници на стипендија од друг давател. Инаку во првичниот конкурс за овој тип на стипендии беа предвидени вкупно 500.
Учениците кои ги исполнуваат условите за стекнување на правото на користење на еден од понудените два типа на стипендија, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука најдоцна до 30 септември, во периодот од 08-16 часот.
Износот на стипендијата е 3500 денари месечно, а се исплаќа за 9 месеци во годината.
О.К.