Златна „Камера 300“ вечерва ќе се додели во Битола на крајот од ИФФК „Браќа Манаки“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/21/21 7:09 AM

Златна „Камера 300“ вечерва ќе се додели во Битола на крајот од ИФФК „Браќа Манаки“

Со доделување на фестивалските признанија и награди, вечер во Битола завршува 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.

Во големата сала на битолскиот Центар на култура, жирито предводено од Суки Меденчевиќ од Босна и Херцеговина и членовите Филип Бергсон од Велика Британија, Вим Ванакер од Белгија, Соња Просенц од Словенија и Димо Попов од Северна Македонија, ќе доделат златна, сребрена и бронзена „Камера 300″, како и награда мала „Камера 300″ за кинематограферите кои конкурираа за престижните награди.

ИФФК „Браќа Манаки” е уникатен фестивал, кинематограферите се во центарот на вниманието и се слави нивната умешност приказната да се раскаже низ слики, посочија избраните членови на меѓународното жири кои деновиве со цел свој капацитет и искуство ги оценуваа кинематограферите на филмовите во конкуренција.

Последна проекција на филмското платно во Битола ќе биде францускиот филм „Титаниум”, познатиот трилер – хорор филм на режисерката Jулија Дукурнaу и кинематограферот Рубен Импенс, најшокантниот филм за 2021 година и годинешен освојувач на престижната Златна палма во Кан.

МИА
Фотографија: Фејсбук – International Cinematographers’ Film Festival MANAKI BROTHERS