Прекумерното користење на технолошките уреди го забрзува стареењето – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/21 8:36 PM

Прекумерното користење на технолошките уреди го забрзува стареењето

Прекумерната употреба на технолошки уреди не само што ги одвојува луѓето од светот околу себе, туку може и да го забрза стареењето, порачуваат турски експерти.

„Долгите часови поминати пред телефонот и светлината што се емитира од неговиот екран предизвикуваат стареење“, изјави експертот за социјални медиуми Дениз Унај за Агенција Анадолија (АА).

Унај, инаку автор на многу текстови од полето на науката и технологијата, исто така, тврди дека луѓето кои се зависници од технологија имаат тенденција да консумираат брза храна, што пак, ги нарушува нивните навики во исхраната, што доведува до обезност.

Со оглед на тоа што човечкото тело е огромен систем кој работи синхронизирано, Унај рече: „Проблемите што се случуваат во еден дел од овој систем ќе се прошират на целиот систем и ќе ја оштетат структурата на виталните органи и ќе предизвикаат нивно забрзано стареење.“

За различната светлина што ја емитираат телефоните, таблетите и компјутерите, технолошкиот експерт рече дека истражувањата покажале дека сината светлина не е воопшто безопасна.

Тој рече дека светлината не само што им овозможува на луѓето да гледаат, туку и „го синхронизира човечкиот биолошки часовник – 24-часовниот циклус“.

„Сината светлина е посредник (во циклусот) бидејќи кратките бранови што доаѓаат со светлината манипулираат со циркадниот систем, кој ги одржува синхронизирани биолошките и психолошките ритми на лицето“, објасни тој.

Нагласувајќи дека циркадниот ритам е многу важен за функционирањето на организмите, Унај рече дека овој систем предизвикува прекини во спиењето и будењето, а со тоа и психијатриски и невродегенеративни заболувања.

– Сината светлина предизвикува нерасположение –

Повикувајќи се на напис објавен од Јоерг Либман и Матијас Борн во Журналот за истражувачка дерматологија, Унај рече: „Истражувањата покажуваат дека сината светлина, особено од електронските уреди, предизвикува промени во клетките на вашата кожа, т.е. намалување на клетките и нивно изумирање.“

„Сметаме дека сината светлина не само што влијае на нашата состојба во текот на денот, туку предизвикува и стареење со нејзиниот ефект врз кожата“, рече Унај.

„Сината светлина што се емитира од технолошките уреди има и штетни и корисни ефекти во зависност од интензитетот и степенот на изложување на неа“, додаде тој.

„Актинската кератоза, која е лезија на кожата што се појавува на лицето, на рацете, може да се претвори во рак, иако не е многу честа појава“, објасни тој.

„Во овој случај, сината светлина се користи како основ за лекување, особено затоа што е забележано дека помага да се редуцира бројот на преканцерозни дамки.“

– Ограничено користење –

Унај порача дека прекумерното користење на технолошките алатки влијае на луѓето и психолошки и физиолошки.

За да се намалат ризиците што произлегуваат од зависноста од технолошките уреди тој предложува да се отстранат апликациите од телефоните што луѓето не ги користат и да се исклучат нотификациите за игрите и апликациите.

„Кога луѓето ги исклучуваат апликациите, има голем пад во нивната секојдневна употреба на телефоните“, додаде тој.

„Доколку имаме потешкотии да се контролираме, можеме да инсталираме апликации што го ограничуваат времето на користење на апликациите на нашите телефони“, препорача Унај.

Agencija Anadolija