Ќе побараме силна поддршка од САД за продолжување на нашиот европски пат, вели Шеќеринска – ММС
ММС

Објавено на: 09/16/21 3:42 PM

Ќе побараме силна поддршка од САД за продолжување на нашиот европски пат, вели Шеќеринска

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја започна работната посета на нашиот сојузник и стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Ова е прва посета на претставник на Владата на Северна Македонија по смената на американската администрација и доаѓањето на новиот американски претседател Бајден. Министерката Шекеринска порача дека посетата ќе ја искористи да ги пренесе пораките кои се важни за Северна Македонија и уште еднаш да се потврди интензивното, стратешко партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.

„Ова е прва посета на претставник на нашата Влада, Владата на Република  Северна Македонија, на нашиот стратешки партнер, САД, по промената на администрацијата, односно по изборот на новиот американки претседател Бајден и затоа е многу важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и Соединетите Американски Држави можат да сметаат“, рече министерката.

Министерката истакна дека соработката која до членството на Северна Македонија во Алијансата имаше една клучна цел – членството во НАТО, денеска влегува во нова фаза, каде двете земји како сојузници во Алијансата разговараат за теми кои се важни за земјите, но и за регионот и за светот.

Министерката порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација предводена од претседателот Бајден да го задржи фокусот и интересот кон Балканот, како и дека ќе биде побарана и силна поддршка од САД за интензивирање на нашиот европски пат.

„Само целосна Европа, само обединета Европа, само Балкан интегриран во Европа може да гарантира безбедност и сигурност на целиот регион, а тоа е целта и на НАТО и на Европската Унија и на сите нас кои што сме дел од евроатлантското семејство“, порача министерката во видео-обраќањето.