Поминаа само шест месеци од дебаклот на идејата за Суперлигата на Европа кога 12 најбогати клубови сакаа да се одвојат од УЕФА и да основаат сопствено натпреварување поради финансиски профит, а сега се појави нова идеја.
Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис ја откри новата идеја за Европската лига која треба да ја замени Лигата на шампионите и би можела да вреди 10 милијарди евра!
Првиот човек од Наполи истака дека неговата идеја би се разликувала од Суперлигата затоа што нема да биде од затворен тип – учесниците и понатаму би влегувале врз основа на заслуги, а не поради маркетинг потенцијалот.
Во ексклузивното интерву за „Спортсмејл“ откри дека не се согласува со предлогот за Суперлигата, но истакна дека желбата на клубовите да ја освојат Лигата на шампионите или Лигата на Европа прави тие да трошат повеќе отколку што заработуваат и затоа се потребни промени.
– Овој систем не функционира. Лигата на шампиони не носи доволно приходи за клубовите за да го оправдаат учеството во натпреварувањето. За да бидете компетативни, потребни ви се врвни играчи, што значи трошење на пари. Треба да се намали бројот на натпревари во лигите со намалување на бројот на клубови во најсилните лиги. Треба да направиме Европска лига со демократски систем на квалификување на основа на резултати во домашните првенства. Испитав проект кој би можел да ни донесе 10 милијарди евра во европскиот фудбал, но потребна е желба – изјави Де Лаурентис.
Тој истакна дека треба фудбалот да промени некои правила за да биде привлечен за младата публика. Неговото истражување покажало дека луѓето на возраст од осум до 25 години престанале да гледаат фудбал и сакале да си играат на своите паметни телефони.
извор: Mondo/Twitter