Плановите за воведување ковид пропусница за влез во ноќните клубови и останатите настани во Велика Британија нема да продолжат, соопшти тамошниот министер за здравство Саџид Џавид.
Министерот за „Би-Би-Си“ рече дека „едноставно не треба да се прават работи само поради тоа што другите ги прават и треба правично да се согледа секоја можна интервенција“.
-Никогаш не ми се допаѓала идејата да им кажам на луѓето дека мораат да покажат документ за да ги извршуваат секојдневните активности. Иако треба да се има одредена резерва за потенцијалното воведување на пропусниците, со задоволство можам да кажам дека нема да продолжиме со таквите планови, рече Џавид.
Планот за ковид пропусницата требаше да биде претставен на крајот на месецот, а многумина се спротиставија на ваквата идеја.
Здружението „Најт тајм индустрис“ предупреди дека плановите можат да ја „осакатат“ индустријата и дека ноќните клубови можат да се соочат со дискриминација, а „Мјузик венју траст“ пропусницата ја нарече проблематична.
Ед Дејви пак, лидерот на либералните демократи, планот за воведување на ковид пропусници го нарече неизводлив и скап.
Министерот за здравство одговарајќи на прашање дали владата се плаши од воведување на пропусницата по бројните критики, рече дека тие не се потребни бидејќи има висока стапка на вакцинација, тестирања и надзор.
Тој дополни и дека сакал да се „отараси“ од ПЦР тестовите за патувања бидејќи не предвидува дека ќе има повтроно затворање на земјата, но сепак додаде оти би било неодговорно да се отстрани сите мерки.
извор: политика