Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повика министерот Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, да ги достават оставките до Собранието, а не до премиерот, за кој велат дека се видело оти нема да ги прифати.
– Филипче и Хасани имаат рок до вторник да ги поднесат оставките до Собранието. Доколку не ги поднесат, ВМРО-ДПМНЕ во координација со другите парламентарни партии ќе поднесе Предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик. ВМРО-ДПМНЕ нема да бара интерпелација за таа да не заглави во некоја од фиоките на Талат Џафери, велат од партијата.
Од таму додаваат дека Филипче и Хасани треба да сфатат дека одговорност мора да има, и тие не смеат да бидат на своите позиции од морални причини, а тоа што ќе покаже истрагата е предмет дали за нив ќе има кривична одговорност или не. Тоа според нив се два различни поими и постапки кои треба да течат одвоено.
– ВМРО-ДПМНЕ ги повикува партиите од власта: БЕСА, ЛДП, ДОМ, ДС и ДПА да не го штитат Филипче и да изгласаме негова смена. Очекуваме БЕСА, ЛДП, ДОМ, ДС и ДПА исто така да го повикаат Филипче и неговиот заменик Хасани на оставка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ваквата најава на ВМРО-ДПМНЕ, која всушност и самиот Мицкоски ја изложи вчера, ја нарекоа голо политиканство.
– Предлогот на Мицкоски е голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано. Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница. На Мицкоски очигледно не му кажале каква се процедурите за поставување и разрешување министри, па затоа денеска излегува со смешни ултиматуми и предлози кои немаат никаква правна основа, наведе СДСМ во својата вчерашна реакција.