Докторска битка за Советот на Општина Штип – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/21 8:19 AM

Докторска битка за Советот на Општина Штип

Двете најголеми партии во Штип – СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за нoсители на советничките листи имаат по еден доктор специјалист. Со тоа, во прв ред битката за општиснкиот Совет ќе ја пред водат д-р Александар Мишев, специјалист по очни болести од СДСМ, додека од спротивната страна е неговиот колега неврохирург, д-р Влатко Захариев од ВМРО ДПМНЕ. Листата на СДСМ е засилена на второто место со уште еден специјалист, д-р Дијана Шишкова, специјалист инфектолог, началник на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница.

Во исчекување на официјалната потврда на доставените советнички листи од страна на Општинската изборна комисија (ОИК) на Штип, откриваме некои од имиња од двете листи.

Покрај Мишев и Шишкова, на листата на СДСМ е и актуелната претседателка на Советот на општината, Маријана Рогожарска – Поповска, советникот Иван Бојаџиски од Партијата на пензионерите, додека од подлмадокот на социјалдемократите – Никола Рилак и Трајче Стојчевски.

Од ВМРО ДПМНЕ од актуелниот состав се Весна Ничева и Кристина Серафимова, дополнети со неколку нови – Душко Иванов, Весна Ушинова, Весна Кожинкова – Карагунова, Дејан Здравков.

Како што е познато, во трката за градоначалник влегуваат д-р Сашко Николов од СДСМ и Иван Јорданов, актуелен пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Покрај Николов и Јорданов, кандидати за градоначалници предложија и Интегра со Симон Поликарп – Џими и новата коалиција ЛДП – ДОМ со Ванчо Санев. Левица има доставено само советничка листа, а само со советнички листи на октомвриските Локални избори 2о21 ќе настапат и ТМРО и Сојузот на Роми. Нема независни листи.

Со тоа, до сабота на полноќ до ОИК има доставено четири кандидатури за градоначалник на Штип и  шест советнички листи.

Целосните листи се очекуваат во текот на денот.