Нема повеќе турбофолк селфиња и озборување – Ноадсбук е првата македонска социјална мрежа – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/21 4:15 PM

Нема повеќе турбофолк селфиња и озборување – Ноадсбук е првата македонска социјална мрежа

Васко Цветковски од Ресен заедно со три 19-годишни девојки од Свети Николе Надица, Јована и Бојанa ја создадоа првата социјална мрежа „Noadsbook.com“ во Македонија која со пет долари инвестиција (честејќи се меѓусебно кафе) нуди можност сите заедно да станеме еден колективен македонски Марк Цукерберг.

Како што вели Васко, целта е сите заедно да изградиме социјална мрежа, далеку од комерцијалното работење и рекламите, којашто ќе биде место каде што членовите ќе пишуваат и споделуваат идеи и концепти кои имаат длабочина, тежина и значење, а не место за порнополитика, турбофолк селфиња, комшиски оговарања и лажни вести.

-Се работи за социјална мрежа во која нема никаков вид на спонзорирани реклами. Тоа е главниот концепт на оваа социјална мрежа: No-ads-book! Сто проценти македонско што би рекле, иако за сега има само англиска верзија, а во изработка се верзии и на балканските јазици вклучувајќи го и македонскиот- се разбира.  Noadsbook.com е место каде што ќе може да објавувате блог постови со ваши нови и издржани идеи и концепти и да ги разменувате со другите сегашни и идни членови на нашата зедница, и сето тоа го правите надвор од светот каде што вашето присуство и создавање на содржина се смета за бројка на гледаност во фактурите за реклами на големите социјални мрежи. Алберт Ајнштајн на едно место има речено: кога ви нудат нешто бесплатно, знајте дека робата и стоката која се продава сте самите вие. И вистина е така, додека го поминуваме нашето слободно време на било која од светските „бесплатни“ социјални мрежи и создаваме содржини, тие нашето време и содржини им ги продаваат на компаниите кои плаќаат за гледаност, којашто пак гледаност ја претвораат во купување на некој нивен производ или услуга – вели Васко Цветковски.

На македонската социјална мрежа со плаќање од пет долари за кафе на пријателот што ви пратил линк за зачленување  сте потполно слободни во наредните 101 година да живеете виртуелен социјален живот без никакви реклами околу вас. Се дружите со своите пријатели, непријатели, истомисленици и неистомисленици, си лајкнувате, или се карате, коментирате и што ли уште не, но не сте на ѕидот на маркетинг компаниите и вашиот социјален живот не е нивна храна.

Noadsbook.com е наш македонски производ кој на сите нас од Македонија, кои имаме што да му кажеме и дадеме на светот, ни нуди можност, со $5 инвестиција (честејќи се меѓусебно кафе), сите заедно да станеме еден колективен македонски Mark Zuckerberg. Noadsbook.com  е старт ап кој има потенцијал да стане наше заедничко македонско светско чудо, а сите ние, доколку инвестираме во кафе за нашиот пријател, и време во создавање на квалитетни содржини, да бидеме негови – додадоа креаторите на социјалната мрежа.

Моника Пејоска Насковска