Ерменија распишала меѓународна потерница по дипломатот во времето на Наќе Чулев, рече Спасовски во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/21 11:46 AM

Ерменија распишала меѓународна потерница по дипломатот во времето на Наќе Чулев, рече Спасовски во Куманово

Не стивнува прашината откако беше приведен македонскиот дипломат баран со потерница од Ерменија. Актуелните власти без конкретен одговор дали Македонија ќе спроведе истрага. Според министерот Спасовски истрага се води во Ерменија, а премиерот Заев вети дека ќе се постапи согласно меѓународните договори.

Наќе Чулев беше министер кога беше распишана меѓународната потерница по македонскиот дипломат, рече актуелниот прв полицаец Оливер Спасовски денеска во Куманово, при што додаде дека нема информации дали тогаш било известено Министерството за надворешни работи.

Како што појасни Спасовски, потерницата од страна на Еременија е распишана на 25ти февруари 2020 година.

– Меѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25ти февруари 2020 година во тој момент јас сум претседател на Владата,  а министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев што во тој момент е направено дали е известено МНР или не, немам детални информации за тоа и нормално сега кога се случи практично овој настан ние сме информирани преку нашиот Сектор за меѓународна соработка и информациите сме ги пренеле до Министерството за надворешни работи, рече Спасовски.

Македонија не може да отвори истрага за дипломатот Миле Миленкоски, заменик шеф на македонската мисија на ОБСЕ, кој по барање на ерменските власти е приведен на српската граница на 27 август. Како што појасни Спасовски, такви истраги се водат во земји каде е сторено кривичното дело.

– Не може да биде отворена во Македонија, таа истрага се води во Ерменија. Истрагите си ги води државата што ги води, а потерниците се распишуваат за лица. Оваа истрага се води во Еремнија и да не ги мешаме работите и да не прашуваме дали Македонија ќе води истрага, во државата каде е сторено кривичното дело се води истрагата, рече тој.

Во врска со уапсените дипломати, денеска се произнесе и премиерот Заев, кој вели дека ќе се постапи по сите меѓународни договори, но и дека ќе се бараат правни акти за заштита на нашите граѓани.

Како што вели тој, деталите не му се познати и ќе се распраша за наодите преку МВР за тоа што точно се случило.

– Нормално е дека земја која што е развиена демократија, која што ги почитува меѓународните узанси, договори, клаузули, ние ќе постапиме соодветно по тоа. Но, секако, се работи за наш граѓанин, ќе сакаме да дополнително ги дознаеме сите правни акти кои се, затоа што, пред сѐ, должни сме да ги штитиме нашите граѓани, но истовремено да го штитиме и законот и меѓународното право, рече Заев на промоцијата на поштенската марка по повод 30 години од неависноста.

Инаку, Миленкоски е приведен на 27 август при обидот да ја премине границата во Прешево за да влезе во Македонија. Според ерменските безбедносни сили, во 2018 година тројца дипломати од Македонија, предводени од Миленкоски, му помогнале на поранешниот ерменски функционер да избега од земјата со приватен лет.

 

Никола Ивановски