Над 500 партиски послушници седат дома и земаат плата од Општина Тетово, парите за проекти одат за плати, вели екс министерот за финансии Џевдет Хајредини во пресрет на третата кандидатура на Арифи – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/21 9:54 AM

Над 500 партиски послушници седат дома и земаат плата од Општина Тетово, парите за проекти одат за плати, вели екс министерот за финансии Џевдет Хајредини во пресрет на третата кандидатура на Арифи

Пробивање на булеварот „Благоја Тоска“, изградба на водоводна мрежа за населбата над тетовското Арабати  баба Теќе, пуштање во употреба на ново училиште во Мала Речица, изградба на рекреативно место на Бањиче,промоција на детски базен во Тетово, ова се само дел од активностите кои неделава ги промовира актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.

За само една недела Арифи, заедно со владини министри од ДУИ, ги промовираа овие проекти пет, некои завршени, а некои сега започнати и сите во пресрет на локалните избори во Тетово, во период кога и официјално ја избраа како кандидат од ДУИ за Тетово, која по трет пат ќе се трка за градоначалничката фотелја.

На дел од проектите се чекаше изминативе 8 години, за време на нејзините два мандата, но сега пред избори работите, како и обично добија брза динамика. Еден од поголемите проекти, пробивањето на булеварот „Благоја Тоска“ се работи со пари од централната власт, која, пак, одвои средства за изградбата, но и за обештетување на имотите каде треба да поминува булеварот. Дел од водоводната мрежа на тетовскот Арабати баба Теќе е потпомогнато од Министерството за животна средина со сума од 13 милиони денари, детскиот базен се гради со пари од владата,  а Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој со средства ќе помогне за изградба на рекреативното место на локацијата Тетовска Бања со пристап за патна инфраструктура, регулирање на коритото на реката, на термоминералните извори и поставување на урбана опрема.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, вели дека Општина Тетово е во долг до гуша поради непродуктивни трошоци, но и преголем број на вработени. Без помош од владата, градот би бил во уште поужасна состојба од сегашната.

-Во Општина Тетово има над 500 вработени, голем дел од нив седат дома и земаат плата, нема место за нив во канцелариите, токму за нив се трошат пари од општинскиот буџет. Мои проценки се дека над 70 % од буџатот на општината одат за плати на вработени. Таа општинска зграда треба да има околу 150, сега има двојно и тројно повеќе партиски послушници, затоа и нема пари за некои капитални проекти. Тоа што малку е направено е со помош од владата, не само оваа туку изминативе влади, вели Хајредини.

Колку има вработени од Општина Тетово не успеавме да добиеме одговор, ниту пак одговорија на прашањето колку ќе има вработени во новоформираните претпријатија Градски православни гробишта и претпријатието Тетово Транспорт, кое конечно започна да функционира на терен.

Граѓаните сметаат дека дел од проектите требаше одамна да се реализираат, а општината треба да обрне внимание пред се на основната хигиена и инфраструктура во градот.

-Што е со депониите низ Тетово, прашината, загаденоста, инфрастурктурата, зеленилото. Тетово од ден на ден е се помизерно за живеење, само згради и улици од кои поголем дел раскопани, а највеќе што ме нервира е узирпирањето на јавните површини , вели една жителка на Тетово.

И во пресрет на изминатите локални избори, кога Арифи го доби вториот мандат да го води градот, се промовираа проекти и решаваа проблеми со пари од владата, како чистење на огромната дива депонија на влезот од градот и доизградбата на новиот водовод.

Зоран Димовски