„Да растеш во мир со мама и тато“ – Место шербет се честеа мекици за бебето од Авганистан – ММС
ММС

Објавено на: 09/3/21 3:35 PM

„Да растеш во мир со мама и тато“ – Место шербет се честеа мекици за бебето од Авганистан

„Да си жив и здрав. Да растеш во мир со мама и тато“, се само дел од желбите кои денес му ги посакаа на Ахмад Ислам Фаик, бебето што пред три дена се роди и стана 150тиот член на групата бегалци од Авганистан, што во понеделникот вечерта пристигна во Македонија.

Од Црвениот Крст вчера ја земаа мајката и бебето од болница, а нарачаа и 200 мекици, за добредојде на бебето.

– Сакаме да покажеме на Авганистанците каков е обичајот кога бебе се раѓа во Македонија. Затоа и ги нарачавме мекиците и ќе организираме мала прослава утре, ни рекоа вчера од Црвен крст.

Утрово од пекара во Маџари биле подигнати мекиците и поделени за ручек во хотелот. Авганистанците биле изненадени, бидејќи обичајот за дочек на ново бебе кај нив не се мекици, туку е честење шербет.

 

-Интересно е што и тие и ние си ги учиме културите.  Нивните жени не се ракуваат со никој, за разлика од мажите кои се поздравуваат со ракување. Тие за добредојде на бебе даваат шербет, ние даваме мекици. Како што е редот за време на ручекот поделивме мекици на сите. Мајка Мумина е во соба со бебето, неа ја чуваме понастрана, бидејќи е тазе породена, па затоа и однесовме мекици во соба. Се израдуваа и изненадија, сепак, не им е лесно, далеку од дома. Мајката се заблагодари за целата грижа, среќна е што не се породила во авион туку во болница, но тажна е што сеуште не може да се спои со сопругот. Сите се во исчекување на денот кога ќе заминат за Америка, ни рече  д-р Сузана Тунева- Пауновска, секретар на Црвениот Крст на Град Скопје.

Бегалците од Авганистан, според планот,  во Македонија ќе останат 90 дена. До тогаш им се овозможени услови за, колку што е можно, нормален живот.

-Утре ќе биде отворено детското катче. Според списоците во групата има 55 деца под 18 години, така да точно не знам колкава е бројката на многу мали деца. Детското катче ќе содржи  реквизити како во игротеките, има играчки, боенки, сметалки и други рабти што ќе им го пополнат времето на најмладите, ни рече Тунева- Пауновска.

(В.М.)