Не дај боже кога скролате по Фејсбук прстот да ви застане на некоја од продавниците за онлајн продажба. По неколку минути вашиот ѕид со информации ќе биде преплавен од понуди за онлајн продавници со разни производи, па телевизиските реклами за домашни производи од пред 20 години нема да ви се видат толку досадни.
Но, за разлика од овие компании на социјалните мрежи постојат илјадници продавници кои работат на црно. Потрошувачите не добиваат фискална за производот, плаќаат поштенски трошоци, а кога сакаат да го заменат или да го вратат производот, често наидуваат на фан-шоп страница која нема вистинска локација или контакти.
– Нарачав тренерки преку една онлајн продавница од Струмица која бидејќи работи на црно, наплаќа преку курирот од брзата пошта. Трошоците за првиот производ се на нивна сметка. Ги пратија тренерките по брза пошта, но го утнале бројот. Ги замолив да ги замениме, но ми кажаа дека ќе платам и поштенски трошоци за новиот производ. Се согласив и потоа чекав една недела за испорака на заменскиот производ кој повторно не беше тоа што го очекував. Но, бидејќи не добив сметка, сфатив дека ќе биде попусто повторно да реагирам – истакна потрошувач кој досега имал и позитивни и негативни искуства со нелегалните или диви онлајн продавници кои се дел од сивата економија на државата.
А, како државата се бори против овие продавници или фаншоп групи кои често продаваат оштетени производи? Никако! Затоа што кај нас овие нелегални продажби на социјалните мрежи не се конкретно регулирани за разлика од легалните онлајн продажби.
– Нема механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Од таа причина потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од социјалните мрежи, бидејќи измамата од овие фиктивни продавачи е голема и понатаму имаат потешкотии за заштита на своите права. Во случај да им бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријавата во Министерството за внатрешни работи-Сектор за компјутерски криминал и Агенција за заштита на личните податоци – потенцираат за ММС од Организацијата за потрошувачи на Македонија.
Оттаму велат дека многу е важно да се прави дистинкција помеѓу легална и нелегална продажба. Најчесто кај продажбата која што е пред се застапена на социјалните мрежи потрошувачите се соочуваат со голем број на измами. Продажбите на социјaлните мрежи, коишто не се регистрирани фирми, немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат фискална сметка/фактура, се класични онлајн измами, во кој потрошувачот е вообичаено и најчесто оштетената страна.
“При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи е потребно како потрошувачи однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница. Дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда ( доколку не им достави, немаат обврска да го подигнат производот) и секако да не потпаѓаат под заведувачкото пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи ( попуст само ден, акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и сл.). При онлајн продажбата да не даваат премногу лични податоци на трговците, доколку им се сомнителни и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање“, посочија на што треба да внимаваме при онлајн купувањето од ОПМ.
Орце Костов
Фото: bsframework.io, lifewire.com