Вечерва, со почеток во 20 часот, на археолошкиот локалитет Стоби ќе настапи групата Синтезис изведувајќи дела од својот богат музички опус со кој како амбасадори на културата не преставуваат во светот повеќе од 25 години. Публиката ќе има можност, во прекрасниот амбиент на археолошкиот локалитет, да ужива во врвна изведба на единствените Синтезис.
Во понеделник пак, во Филхармонијата ќе се одржи ексклузивен концерт на Влатко Стефановски со симфониски оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин. Добро познатите композиции на Стефановски, во аранжмани на Емин се гаранција за неповторливо и уникатно искуство. Концертот првично беше најавен да се одржи на тврдината Кале, но поради променливото време и можните врнежи, концертот сепак ќе се одржи во затворен простор.
-Среќни сме што и во ова необично и крајно неизвесно време успеваме да понудиме квалитетна програма за музичките сладокусци. За жал, капацитетите се ограничени, обврзани сме да го следиме здравствените протоколи, се обидуваме да внесеме малку ведрина и да се оттргнеме од секојдневието кое не прати изминатата година и половина – велат од Баги Комуникации
Во рамките на прославата на 30 годишнината од македонската независност, Баги Комуникации веќе реализираше два извонредни концерти на оперската дива Весна Гиновска Илкова заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет, во Света Софија во Охрид, како и концертот на Тони Китановски во Куршумли Ан.
Проектот „Музиката зборува на сите јазици„ – 30 години мулти култура„ е поддржани од Владата на РСМ преку јавниот повик за финансиска поддршка за организација на настани.
Концертите ќе бидат организирани согласно важечките протоколи за организација на настани и се безбедни за публиката. Билетите се продаваат по цена од 200 денари.