Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.
– Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 процент, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19 отсто вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37 проценти. Слична е состојбата и во Гостивар каде, исто така, имаше мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 проценти, а бројот на починати со ковид е 73, се вели во соопштението од МЗ.
Од министерството, апелираат да се отфрлат сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни.
-Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции, се вели во соопштението од министерството за здравство.