Се воведува систем за онлајн судења во 200 судници во државата – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/21 1:22 PM

Се воведува систем за онлајн судења во 200 судници во државата

Почнува воведувањето на процесот на дигитализација во македонските судови, преку кој над 200 судници ќе бидат опремени со опрема за судење на далечина. До јуни следната година треба да заврши имплементацијата на целиот процес, кога се очекува 34 судови во државата да бидат целосно оспосбени за судења без физичко присуство. Вкучително и опремување на дел во најголемиот затвор Идризово, што ќе значи заштеда и избегнување на бесконечните одлагање на судските процеси.  Ова денеска во Штип го најави министерот за правда Бојан Маричиќ, кој на оваа тема зборуваше на Осмата глобална конференција на Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“.

-Наша цел е побрзо, подобро и посовремено судство, а тоа значи дигитализација на постапките во судствотo, воведување на електронска комуникација помеѓу судовите, другите правосудни институции, но и дигитализација на услугите за граѓаните. Владата неодамна го донесе оперативниот план кој всушност произлегува од активностите на агендата на Европската Комисија ,,Зелена дигитална транзиција”. Ова значи дека е вистинско време за модернизација на судството и дека сме фатиле чекор со современите текови. Дигитализацијата на судството е еден од важните чекори во реформата на системот, особено во зголемување на ефикасноста и транспарентноста, рече Маричиќ.

Додека се воведува процесот на дигитализација во судството, дел од основните судови во внатрешноста на државата се соочуваат со недостаток на судии. Конкретно, штипскиот Основен суд, не само што работи со намален број на судии, туку и неодамна дополнително остана без доволен број на судии, по разрешувањата од Судскиот совет.

– За избор на судии или обвинители мора да се чека новата генерација, која треба да заврши до јуни или до крајот на идната учебна година и веќе наредната есен, значи во септември – октомври 2022 ќе можат да се избираат тие за судии или јавни обвинители. Се работи за околу 60 кандидати. Дотогаш немаме начин да избираме нови судии. Дотогаш ќе треба со организација на работата во договор со Судскиот совет и апелациските подрачја да се справат судовите со бројот на предмети и со обемот на работа. Во Крива Паланка 12 години нема обвинител, во други места исто така има недоволен број на судии, има еден или ниту еден судија. Свесни сме за тој проблем. Впрочем, мислам дека Судскиот совет сега изврши избор, летово, на шест нови судии од последната генерација академци што останаа сè уште неизбрани и дел од нив се делегирани во Берово, дел од нив се делегирани во Крушево, така што Судскиот совет води грижа за пополнување на овие места, изјави министерот за правда Маричиќ, кој е запознат и со проблемот во виничкиот Основен суд, каде има само еден судија, па проблемот се решава со привремено препраспределување на судии од другите судови.

Ваквиот начин на работа ќе потае најмалку уште една година, додека да заврши сегашната генерација на посетители на Академијата на судии и обвинители.