ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, вели Мицкоски – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/21 5:01 PM

ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, вели Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ покажува дека е реформирана партија која нуди многу нови кадри за локалните избори во октомври, а владејачката коалиција е нервозна и се соочува со раскол и проблеми во изборот на кадри за кандидати за градоначалници, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, реформскиот процес завршува веднаш по овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ е партија која обединува и партија која широко го зафаќа политичкиот амбиент во Република Македонија, а со објавената коалиција со Алтернатива и Алијанса продолжуваме да се окрупнуваме, посочи Мицкоски во интервју за телевизија Сител.

ВМРО-ДПМНЕ, според него, ќе ја делегитимизира владејачката коалиција, а потоа следи ново парламентарно мнозинство, кое ќе ги решава акутните проблеми како криминалот, корупцијата, отсуството на реформи, бидејќи тоа им е потребно на граѓаните.

Според Мицкоски, СДСМ доживува раскол изминатиов период по кој сеуште не можат да ги дооформат листите за кандидати за градоначалници.

За нападите на кандидатката за град Скопје која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, лидерот на владејачката партија рече се резултат на стравот од пораз.

-Нападите врз Данела Арсовска од страна на нашиот политички противник за градот Скопје е резултат на нервозата и стравот од поразот кој ќе следува за СДСМ на 17 октомври, вели Мицкоски најавувајќи ВМРО-ДПМНЕ дека партијата ќе води исклучително позитивна кампања.

Жали, како што рече, дека политички противник и нивниот кандидат за градоначалник на Град Скопје има една негативна кампања, „нешто што не доликува на луѓе кои претендираат да го водат Скопје иако тоа го правеа неуспешно изминатите четири години”.

-Да водиме една позитивна кампања, ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, да им понудиме не само на скопјани туку на сите граѓани во Македонија програма која ќе можат да оценуваат проекти, стратегија и визија за развој на општините. Но за жал почетокот кај нивниот кандидат за градоначалник не ветува таква кампања. Тоа е нивен начин, но јас можам да им порачам да бидат малку достоинствени бидејќи поразот на 17 октомври ќе се случи, барем да зачуваат малку достоинство, потенцираше Мицкоски.

 

МИА