Од 1996 година досега во турското место Ќулуоба, на простор со должина од 350 метри и ширина од 150 метри се работи на откривање на остатоците од историската населба во која во бронзената ера непрекинато се живеело 1.600 години, известува Агенција Анадолија (АА).
Оваа година, во ископувањата работи тим од 35 професори и студенти од универзитетите „Хаџетепе“ и „Батман“, предводени од Универзитетот „Билечик Шех Едебали“.
Во согласност со дозволите добиени од Генералниот директорат за културно наследство и музеи при Министерството за култура и туризам на Турција, истражувачкиот археолошки тим, за време на ископувањата во потрага по остатоци од бронзената ера, идентификуваше гробишта.
За време на ископувањата откриени се 25 гробници во облик на коцка, за кои се проценува дека се стари 5.000 години. Утврдено е дека станува збор за гробови на деца. Во гробниците, покрај костурите на децата, биле пронајдени и печати, прстени за коса и накит.
Погребаните деца биле поставени како да се наоѓаат во мајчината утроба (во матката).
Доц. д-р Мурат Турктеки, шеф на ископувањето и професор на Одделот за археологија на Универзитетот „Билечик Шех Едебали“, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека ископувањата за 2021 година ги започнале овој месец.
Наведувајќи дека продолжуваат со работата на просторот од гробиштата, кои датираат од пред 5.000 години, Турктеки изјави:
„Откривме дека керамичкиот гроб е една од вообичаените традиции на погребување. Иако поретко, наидовме и на гробни типови наречени камени сандаци. Откривме над 30 гроба. Од нив, 25 им припаѓаат на деца. Во некои од овие гробови од керамика, наидовме на предмети што ги нарекуваме „подароци за мртвите“. Можеме да кажеме дека меѓу нив пронајдовме печати, прстени за коса и разновиден накит. Децата во гробниците кои датираат 3.000 години пр. н.е. најчесто биле ставени во керамички садови во положба како во мајчината утроба. Нашите студии во оваа област ги спроведуваме заедно со Одделот за антропологија на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Хаџетепе““.
Д-р Турктеки соопшти дека коските откриени во гробниците ќе бидат испитани во Лабораторијата за античка ДНК на Универзитетот „Хаџетепе“.
Зборувајќи дека смртноста кај децата и кај лицата на рана возраст била висока во тоа време, д-р Турктеки продолжи со зборовите:
„Периодот на 3000 година пред новата ера е време кога човечкиот животен век бил ограничен. Лице на 45-годишна возраст во тој период се сметал за многу стар. Исхраната и болестите играат важна улога во животниот век на луѓето. Погребувањето во гробници од керамика се карактеристични за Анадолија во тој период. Тоа е честа форма на погребување, особено за централниот и централнозападниот дел на Анадолија.“
Доц. д-р Турктеки за добиената поддршка им се заблагодари на Министерството за култура и туризам, Институтот за турска историја и Општината Ескишехир.