Македонското знаме се развиори на турскиот врв Голем Арарат – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/21 9:23 AM

Македонското знаме се развиори на турскиот врв Голем Арарат

Македонските планинари Зоран Успрцов, Димитар Павловски и Александар Камиловски вчера утро во 4,30 часот по турско време го освоија врвот Голем Арарат кој со 5137 метри надморска висина е највисокиот во Турција.

Тројцата македонски планинари беа дел од шестчлена група во која беа уште двајца француски планинари и еден Чех.

– Јас, Александар Камиловски и Димитар Павловски бевме дел од шестчлена група која на 25 август се искачи на врвот Арарат висок 5.137 метри во идеални временски услови, пропратено со умерен ветер на врвот. Темперартурата на врвот беше околу – 10 степени. Тргнавме од последниот камп-база кој се наоѓа на 4.200 метри надморска висина во 1.40 часот наутро. На врвот стигнавме во 5.30 часот по локално време и тогаш го развеавме македонското знаме – изјави за ММС, планинарот Зоран Успрцов.

Тој откри дека теренот бил карпест со сипар до 4.800 метри, а потоа до самиот врв се искачувале по глечер со замрзнат снег.

Планината Арарат се наоѓа во областа Источна Анадолија недалеку од границата со Иран. Самиот врв е сместен 16км западно од турско-иранската граница и 32 км јужно од турско-ерменската граница.

Малата македонска експедиција од Турција својата успешна одисеја ја завршува утревечер кога во доцните вечерни часови треба да слета на скопскиот аеродром со летот од Истанбул.

Орце Костов

фото: Приватна архива