Шест силни експлозии одекнаа во Кабул, десетици загинати – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/21 8:30 AM

Шест силни експлозии одекнаа во Кабул, десетици загинати

Шеста силна експлозија одекна вечерва во Кабул, главниот град на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Како што јави новинарот на АА од Кабул, по првите терористички напади се слушнале уште четири експлозии од подрачјето во близина на аеродромот.

Коментирајќи ги експлозиите што се слушнаа по бомбашките напади, портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на својот Твитер профил објави дека „американските сили ја уништија сопствената опрема на аеродромот“.

Британскиот Би-би-си, повикувајќи се на висок здравствен претставник, објави дека во првите два бомбашки напади загинале најмалку 60 луѓе, а 140 се ранети.

Болницата во Кабул во соопштение преку Твитер објави дека постојано им пристигнуваат ранети луѓе, меѓу кои и деца и жени.

Портпаролот на талибанците, Муџахид, претходно ги осуди нападите преку Твитер, велејќи дека тие се случиле во зоната на одговорност на американските сили за безбедност.

АП претходно наведе, повикувајќи се на американски официјални лица, дека за нападите се сомничи терористичката организација ДЕАШ.