Без разлика дали наставата ќе биде со физичко присуство или онлајн, од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” денеска соопштија дека нема да ги пуштат своите деца во училиште да учат од новите програми.
-Нашите деца нема да учат содржини за кои ние родителите не сме информирани и не сме дале согласност. Нашите деца нема да учат исклучиво и само од дигитални учебници, лаптопи, таблети и телефони, туку од учебници, изјави претставичката на иницијативата „Учебници и настава мора да има” Драгана Спасевска.
Според неа, родителите мора да имаат право на избор.
Таа и останатите претставници наоваа иницијатива, симболично пред Министерството за образование и наука изразија револот пред, како што велат, т.н. реформи кои упорно се наметнуваат во образованието и ќе почнат од септември. Им порачаа на ресорното мнистерство и на министерката, Мила Царовска дека со оваа постапка се кршат човековите, родителските и детските права загарантирани во Уставот и законите во земјава.
-Се крши правото на образование, загарантирано во договорите и конвенциите што земјава ги има ратификувано со ООН и се оди против европските регулативи и стандарди кои го уредуваат образованието и правото на образование. Се ограничува правото на избор на родителот за образование на неговото дете во негов најдобар интерес – реагираат родителите.
Спасевска изјави дека во моментов се подготвуваат претставки до Уставен суд за оценување на уставноста на Законот за основно образование и Концепцијата за основно образование. Таа информира дека во меѓувреме ќе достават претставка и барање до Собранието за ставање суспензивно вето на законите и Концепцијата се’ до пресудата на Уставен суд за оценување на уставноста на овие акти.
Посочи дека во моментов се подготвуваат измени и дополнувања на Законот за основно образование и ќе биде покрената граѓанската иницијатива за измена на овој закон. Најавуваат дека доколку не успеат да ја стопираат оваа постапка и да го решат овој проблем национално, со надлежни национални институции, продолжуваат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур и ќе побараат одговорност и санкции за надлежните.
Спасевска напомена дека досега немале средба со министерката Царовска. Вели дека досега ништо од нивните доставени барања не е земено предвид, а надлежните остануваат глуви на нивните барања и најавуваат повеќе можни сценарија за почетокот на учебната година. Таа информираше дека ќе достават барање за работна средба со министерката Царовска и ја повикаа на јавна дебата, на соочување во било кое време и на било кој медиум.
Бараат исполнување на нивните барања, а доколку не се случи тоа велат дека се подготвени на бојкот и протести во септември.