СДСМ со Николов за Велес, Петровска за Битола, Сугaрески за Прилеп? – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/21 8:53 AM

СДСМ со Николов за Велес, Петровска за Битола, Сугaрески за Прилеп?

Синоќа, по седницата на Извршниот одбор на СДСМ изостанаа изјавите што неофицијално се најавуваа вчера цел ден, за нови 17 кандидати за градоначалници. Има само шпекулации, а најавата од партијата во краткото соопштение по седницата, е дека имињата ќе бидат објавени денеска.

Партиски извори брифираат дека до доцна во ноќта траел состанокот на највисокото партиско тело, коj беше најавен за 21 часот, a коj почнал со задоцнување.

По состанокот излегоа шпекулации дека Горан Сугарески е потврден кандидат за Прилеп, актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска ја добила партиската доверба за втор мандат, додека во скопските општини Центар и Аеродром ќе се оди со нови имиња. Пратеникот Александар Филиповски, кој го наследи Павле Богоевски во Парламентот за Аеродром и релативно непознатиот за пошироката јавност, Горан Герасимовски  за Центар.

Поранешниот пратеник Маријанчо Николов според непотврдените информации е кандидат за Велес. Во кратката комуникација Николов одговори дека нема официјална потврда. Во новите имиња се споменува и пратеникот Костадин Костадинов за адут на СДСМ во Струмица. Костадинов веќе еднаш на кратко ја вршеше градоначалничката фукнција, заменувајќи го лидерот Зоран Заев, до изборот на актуелниот градоначалник Коста Јаневски, кој на анкетите исто така добро котирал.

Но, овие партиски брифирања останува да бидат официјализирани во текот на денешниот ден.

Сепак, остануваат уште над десетина други, главно помали општини, за кои се очекува партиското решение за Локалните избори во октомври.