Фехим Дешти, еден од главните фигури на силите на отпорот во покраината Панџшир во Авганистан, што талибанците не успеаја да ја контролираат, истакна дека нивната цел е проблемите со талибанците да ги решат преку преговори и дијалог, но дека се подготвени и за војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дешти, одговорниот за медиуми на силите на отпорот, што се предводени од Ахмед Месуд, син на познатиот авганистански командант Ахмед Шах Месуд од Панџшир, кој се спротивстави на советската окупација, за дописникот на АА даде информации за ситуацијата во покраината.
Истакнувајќи дека ситуацијата во Панџшир е мирна, Дешти рече: „Луѓето се на своите работни места. Државните службеници одат на работа, трговците продолжуваат да работат. Се разбира, неопходно е да се подготвиме за можните талибански напади. Овие подготовки се направени до некој степен.“
Наведувајќи дека продолжуваат напорите за започнување преговори меѓу талибанците и групите на отпорот, Дешти рече дека тие се за преговори што ќе ја обезбедат иднината на авганистанскиот народ и ќе обезбедат социјална правда.
Тој исто така додаде дека сакаат инклузивна влада во Авганистан што ќе биде прифатена од сите страни, партии и племиња и која ќе има добри односи со светот.
Дешти, исто така, додаде:
„Дефинитивно веруваме дека прашањето може да се реши преку дијалог и преговори. Бараме преговори и дијалог. Има директни и индиректни пораки меѓу страните, но, во исто време ние сме подготвени да се браниме. Нашата цел не е само да го одбраниме Панџшир, туку да ја заштитиме целата географија на Авганистан и вредностите на нашата земја. Ако талибанците продолжат со војната и насилството продолжи, ние сме подготвени да се браниме.“
Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул без конфликт, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.
Талибанците ја презедоа контролата врз сите региони северно од Кабул, освен врз покраината Панџшир.
Се наведува дека Панџшир е тешко да биде преземен поради планинските и тешките услови на теренот.
Ахмед Месуд, истакнувајќи дека е шеф на локалните групи за отпор формирани во провинцијата Панџшир, ги повика луѓето да „се борат против талибанците“.