Ми беше жал, очите им беа полни солзи, тага и радост – Со Јовица Рајхл за последниот лет од Кабул, ден кога на Авганстанците животот им стана пекол – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/21 7:00 PM

Ми беше жал, очите им беа полни солзи, тага и радост – Со Јовица Рајхл за последниот лет од Кабул, ден кога на Авганстанците животот им стана пекол

Во авионот беше мртва тишина. Лугето молчеа а на лицата им се гледаше страв. Очите им беа полни солзи, тага, но и радост. Се спасиле и одат ама не знаат каде. А Авганистанскиот народ е добар, питом, тоа се пријатни и едуцирани луѓе кои даваат сѐ од себе за да не се чувстувате како странец. Жалам за тие луѓе. Во едно попладне им се промени сѐ, целиот живот – вели пилотот, Јовица Рајхл. Тој ја имаше „среќата“ да се најде во Кабул дента кога ескалираше ситуацијата, откако во градот пристигнаа талибанците. Јовица успеа, во тој хаотчен ден полета од аеродромот во Кабул и сега е со семејството во Скопје.  Рајхл своето необично искуство, односно сета мака што ја видел во тој траорен момент за Авганистанците го сподели  со  Македонски медиа сервис додека повторно престојува во својот роден град, Скопје.

Рајхл од почетокот на оваа година работи во авганистанската авиокомпанија Kam Air, чиј менаџмент одлучил авионите од Кабул да се повлечат во Киев поради безбедносни причини, иако очекувањата не биле дека ситуацијата со талибанците ќе ескалира.

„Апсолутно ништо не беше страшно, ситуацијата беше под контрола. Информациите беа дека 3.000 припадници на Американската војска ќе присуствуваат на аеродром за сигурно повлекување на сите граѓани кои сакаат да го напуштат Кабул. Во меѓувреме од околните големи градови пристигнаа сите во Кабул, бидејќи тоа им беше сигурен град“, раскажува тој и додава:

„Мене одморот ми заврши и се јавив да кажам дека доаѓам на работа. На 13-ти август заминав за Кабул, на 14-ти сѐ беше во ред. Следниот ден главниот шеф на пилотите во компанијата ме повика на разговор и тогаш сѐ си беше океј, ние се подготвувавме во понеделник во попладневните часови да ги прелетаме авионите. Тоа беше интерен договор, работа на фирмата. Од безбедности причини сакаа да ги прелетаат авионите да не бидат во Кабул, бидејќи талибанските трупи заземаа големи територии. Арно ама, во тоа време додека ние бевме таму и разговаравме дојде информацијата дека талибанците влегле во градот и ја заземале зградата на Владата. Тоа беше околу пладне по локално време во неделата. Се случи промена на планот“, вели Рајхл за ММС.

Облечен во цивилна облека и само со документите потребни за лет, Рајхл во попладневните часови минатата недела се упатил од оперативниот центар на аеродромот до местото каде што бил стациониран неговиот авион. Во меѓувреме, аеродромот се затворил и не било дозволено никој ниту да влезе ниту да излезе.

„Јас бев во цивилна облека, отидов по разговор, а испадна сосема нешто друго“, додава Рајхл.

Додека медиумите јавувале дека талибанците тргаат кон аеродромот, тој веќе бил на платформата за да го подготви авионот за летање. Не многу далеку од него се случил и настанот од кој снимките за кратко време го обиколија светот, регистрирајќи го напливот на луѓе кои се обидуваат да се качат по скалите на авионот, кој пак, било планирано да лета до Истанбул.

„Во еден момент како што беше празна платформата немаше никој таму и можеше кој било да дојде до авионите без никаква контрола. Тоа се случи со некоја огромна брзина. Само како се свртев видов илјадници луѓе, сите наоружени. Не знаете кој што може да направи. Тоа се случи кога се качуваа луѓето по скали и паѓаат. Таму имаше патници кои требаше редовно да летаат до Истанбул, кои веќе си купиле карти. Потоа и сите вработени на чекирање на карти си заминаа кога разбраа дека доаѓаат талибанците, се создаде општа паника бидејќи секој се плашеше за својот живот“, раскажува пилотот.


Среќа во несреќа било тоа што неговиот авион всушност не бил на главната платформа, во спротивно меѓу толку голема толпа луѓе вели тој, не би можел воопшто да го стартува моторот.

„Самото стартирање на моторот е многу јако. Ситуацијата беше панична. Тоа беше во недела попладне. Другиот ден веќе бев во Скопје, а летав преку Киев и Виена. Тоа беше само тие неколку часа и тој ден полетавме само ние“, додава Рахјл.

Ситуацијата била целосно поразлична од вообичаен цивилен лет. Контролорите го следеле летот, но не одговарале на фреквенциите на радиостаниците на кои се јавувале луѓето од екипажот.

„Тоа беше тотално вонредна ситуација, недај Боже да се случи пак“, посочува Рајхл.

Авионот полетал точно во 20:32 часот по локало време без запалени светла. Го прашавме Рајхл како го реализирал летот на начин кој не би сигнализирал дека авионот е воопшто присутен таму.

„Имав среќа затоа што тогаш се појавува месечина и доволно се гледа. Чисто беше, немаше облаци, имаше видливост“, објаснува тој.

Наместо да лета само екипажот со цел авионот да се прелета до Киев, на крај Рајхл успеал да превезе вкупно 77 патници меѓу кои и деца. Вели дека бидејќи не се работело за редовен лет, тоа се луѓе кои точно знаеле каде се наоѓа авионот.

„Они дојдоа од разни страни, знаеја дека тој авион оди таму и тоа е тоа. Среќа беше што авионот беше на страна бидејќи инаку не можеше ни да го запалам во присуство на толку луѓе, ќе мора да останете на земја во таква ситуација“, истакнува пилотот.

Ситуацијата била напната, но како што потенцира, со членовите на екипажот се труделе работата да биде тимска и под влијание на паника, да не направат нешто што не треба.

„Беше апсолутна паника. Луѓето што дојдоа на аеродромот бегаа од талибанските трупи. Не знам од која причина, но во нашиот авион имаше луѓе кои знаеја дека таму треба да се качат и така и беше. Имавме гориво за да летаме до Тбилиси, па да дополниме во Грузија и да се продолжи до Киев. Тоа беше договорено претходно, мислам дека минути беа во прашање“, ни раскажа Рајхл и сумирајќи ги впечатоците сега, оценува дека работеле со нормални процедури, а во вонредна ситуација.

На целиот овој настан тој гледа многу емотивно, бидејќи лицата на луѓето кои ја напуштале својата татковина за да се спасат, сепак биле тажни и исплашени.

„Сите патници беа фамилијарни луѓе со мали деца. Потоа кога слетавме разбрав дека имало и познати ВИП персони. Тие лица во авионот беа тажни. Сите тие луѓе одат некаде, а не знаат каде одат, спасуваат жива гласа. Разговаравме кога летавме во Тбилиси, тоа се луѓе кои до пред некој ден нормално функционирале. Одеднаш се’ се менува, целиот живот“, вели Рајхл.

Најтешко му било кога една од патничките која бил стјуардеса по професија, го прашала каде одат, а тој не знаел како да и’ каже дека тој всушност оди дома.

-Ми беше тешко да и кажам дека си одам дома. Таа беше Авганистанка со две деца и со мајка и. Таа успеала да побегне, тешко беше да и’ кажам дека дома си одам. Со солзи во очите ми рече:  „ а јас не знам каде одам“ – додава Рајхл.

Во тие два-три часа колку што траел летот, во авионот владеела тишина.

„Сите беа апсолутно смирени, мислам дека се имуни на тоа, тоа е мое видување. Генерации се веќе во прашање. Тие се навикнати на калашникови, на сосема друг начин на живот. Навикнати се да немаат. Но во ниту еден момент не може да забележите дека е така. Така живеат. Ништо не ми кажаа по слетувањето, буквално од Тбилиси за Киев, беше тишина. Никој во авионот тие неколку часа не разговараше. Ситуацијата беше многу чудна, сива и тмурна ситуација. Во истовреме и радост и тага. Секој си беше со свои мисли“, споделува пилотот.

Неговото досегашно искуство покажало дека Авганистанците се добри луѓе и голем дел од оние кои се се’ уште таму, сакаат да ја напуштат државата. Сепак, вели Рајхл, кај луѓето таму постои голем страв поради талибанскиот режим.

-Не би сакал секој да живее под тој режим. Постои страв од талибанците, највеќе мислам дека поради шеријатските закони – заклучува нашиот соговорник, кој преку социјалните мрежи успева да комуницира со Авганистанците кои ги запознал.

Јовица заминал за Кабул за да се договори со своите претпоставени за да направи прелетување на авионот до Киев, но како што вели – едно попладне било доволно да се промени се’. Дополнително проблем во целата ситуација била евакуацијата на претседателот, кој кратко пред тоа преку изјави за медиумите гарантирал безбедност, а потоа и самиот побегнал.

Кога почнуваш да го враќаш филмот сфаќаш што можело да се случи – заклучува Рајхл, кој жали за луѓето кои се уште не успеале да побегнат.

Вања Мицевска