Земјоделци од тиквешко добиваат фактури за водарина, иако не наводнувале – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/21 1:05 PM

Земјоделци од тиквешко добиваат фактури за водарина, иако не наводнувале

Земјоделци од тиквешкиот регион се жалат дека добиваат фактури за водарина, иако не ги наводнувале површините. Според Водостопанство, проблемот е наследен, нотарот ќе ги повлече сите предмети, а се очекува Одборот на директори да донесе одлука земјоделците да бидат ослободени од плаќање.

Во изјава за МИА, кавадарчанецот Ѓоко Палитов рече дека иако своевремено било договорено да не плаќаат вода поради застареност на каналот за наводнување, деновиве добиле нотарски известувања дека треба да платат водарина за 2018 година, плус нотарски трошоци.

-Некаде 2015-2016 година, ние сопствениците на земјоделски имоти околу каналот на Дабнишка река, добивме фактури за водарина. Иако каналот не е во функција, ни пристигнуваат фактури за водарина, а никогаш не го користиме каналот. Во 2019 година преку здружението „Напредни лозари” се обративме до Народен правобранител, од каде добивме позитивен одговор, дека каналот е нефункционален и не смее да се наплаќа водарина. Претставник на водостопанското претпријатие ни рече дека ќе се прекине со фактурирање вода за наводнување. Но, по две години повторно почнаа да праќаат фактури и тоа правосилни. Како земјоделци повеќе не знаеме каде да се обратиме. Бараме ако постои канал, водостопанското претпријатие да ни направи договори за наводнување и ако успее да ни донесе вода, ние веднаш ќе си платиме. Сите знаеме што значи водата особено во вакви сушни години, објасни Палитов.

Според него, во 1958 година завршила изградбата на каналот за вода за наводнување од Дабнишка река, што служел за наводнување на околу 500 хектари лозови насади. Каналот бил во функција некаде до 1992 година, кога поради дотраеноста и нередовно одржување, се урнал.

-По иницијатива и со средства на дел од селаните на село Ресава, во 1998 година каналот е ставен во функција. Тоа ги чинело селаните по 100 германски марки од декар. Со многу мака и трпение некои успеваа да наводнат дел од површината, но поголемиот дел кои учествуваа со средства и работна рака, не успеваа. Се додека имаше повозрасни жители на селото, го чистеа каналот три-четири пати во сезоната од наноси на кал, жили и други страни материи. Каков – таков, додаде, каналот некогаш успевал да донесе вода до површините, истакна Палитов.

 

МИА