Прашањето за кучињата скитници и денеска тема на обвинувања кои ВМРО – ДПМНЕ ги упати на адреса на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Советничката од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, Ирена Попова денеска на прес конференција рече дека градските власти имаат обврска да ги третираат и стационираат кулињата. Таа му порача на Шилегов дека доколку не знае како да го реши проблемот, ВМРО-ДПМНЕ ќе му помогне:
„Сведоци сме на глутници кучиња кои секојдневно се движат низ сите места во градот, кои нетретирани се опасност за граѓаните. Дополнително нетретираните кучиња често можат да бидат преносител на зараза, која потешко се лекуваат и може да има посериозни последици по здравјето на граѓаните“.
Од СДСМ реагираа со писмено соопштение во кое наведуваат новата градска власт наследила тотално нефункционален стационар за бездомни животни, кој, како што велат од таму, ВМРО-ДПМНЕ занесена од желбата за богатење на фамилијата, го оставила да биде дивоградба.
Според СДСМ, Град Скопје презема активности за решавање на наследниот проблем, набавени се ново возило за заловување и нова опрема.
Сепак, од ВМРО ДПМНЕ во врска со оваа тема се огласија повторно и во соопштението испратено до медиумите попладнево тие го обвинуваат Шилегов дека е најнеуспешен градоначалник на Град Скопје, кому му порачуваат да ги засука ракавите и да почне да ги решава проблемите на граѓаните.