Влез во државава и со негативен брз тест од аптека: Угостителите и туристички работници предлагаат измени на актуелните мерки – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/21 11:58 AM

Влез во државава и со негативен брз тест од аптека: Угостителите и туристички работници предлагаат измени на актуелните мерки

Да се измени најновата Одлуката за превентивни препораки и мерки која стапи на сила пред два дена, побараа денеска од Туристичко угостителска комора. Оттаму потсетија дека со неа се воведува забрана за влез во секаков вид на угостителски објект за лицата кои не поседуваат потврда за извршена имунизација или сертификат за прележан COVID19 во последните 45 дена. Според Комората, треба да се создаде можност за влез во овие објекти и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите 6 месеци или кои ќе приложат резултат од негативен PCR тест или антиген тест.

„На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот”, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.

Тој апелира дека потребно е да се измени и мерката за задолжително приложување потврда за вакцинација или за прележан вирус во последните

„Сметаме дека и тука барањето за потврдата за прележан вирус во последните 45 дена, треба да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што е согласно препораките на стручната јавноста“, додаде Ангеловски.

Тој укажа дека е потребно мерките да се спроведуваат без исклучоци, бидејќи како што рече, има угостителски субјекти кои континуирано не ги почитуваат мерките и препораките, а при тоа не се соочуваат со последици.

„Покрај тоа што веќе истакнавме дека вработените во угостителските објекти немаат правна надлежност и овластување за барање на документи за, лична идентификација од посетителите, а исто така укажуваме и на опасноста од појава на фалсификувани потврди за вакцинација или за прележан вирус, за кои вработените во угостителските објекти немаат никаква надлежност. Ако инспекциите утврдат таков случај, одговорност треба да се бара од носителот на сертификатот а не од објектот”, истакна Ангеловски.

ТУК: Да се креираат мерки за реализација на туристичките аранжмани кои беа одложени

На денешната прес конференција беа презентирани и дополнителни барања кои се однесуваат на туристичкиот сектор.

„Во одлуката во која се регулираат новите мерки е дозволено за да се влезе во државата, покрај поседување на сертификат за примена вакцина или потврда за прележан вирус да се одбере и можност 7 дневна изолација. Во овој дел бараме изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини  би земале документ за самоизолација, која може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа“, истакна Ана Марија Алексова, член на ТУК.

Според неа, потребно е во меѓуграничните зони да се воспостави можност за изработка на тестови за ковид-19 кои ќе бидат по достапни цени.

„За намалување на трошоците на граѓаните добро во мерките да се предвиди можноста за влез во државата со негативен селф антиген тест, кој може да се купи во аптека“, предлага Алексова.

Таа потенцира неопходно е да се земе во превид дека воведувањето на новите мерки и рестрикции значи сериозно ограничување во работата на туристичко-угостителскиот сектор поради што и треба да се планираат економски мерки за поддршка.

„Истакнуваме и дека туристичката сезона се’ уште трае и треба да се креираат мерки кои ќе создадат услови за таа да може да се заврши и да се реализираат аранжманите кои беа одложени од минатата година на безбеден и сигурен начин. Со измените кои ги бараме и кои се веќе доставени до Владата сметаме дека ќе се постигне подобра заштита на колективното здравје, како и намалување на штетните економски последици”, истакна Алексова.