Граѓаните со истечени лични карти најверојатно ќе може да гласаат на изборите – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/21 11:00 AM

Граѓаните со истечени лични карти најверојатно ќе може да гласаат на изборите

Околу 40 илјади граѓани кои имаат истечени лични карти најверојатно ќе може да гласаат со нив на престојните локални избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој уште еднаш ја обвини политичката партија Левица за блокирање на предлог законот за лични карти, а вели проблемот е многу посуштествен од прашањето за гласањето.

– Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки со истечена лична карта, па граѓаните не може да земат пензија, социјална помош и сл. Ние на седница на Влада специјално разговаравме за ова. Првото решение е со работа на Парламентот од први септември да се донесат законот и да се издадат личните карти. Министерот за правда Бојан Маричиќ и другите надлежни ресори работат да изнајдат начин како да се гласа со истечена лична карта, зошто граѓаните може да гласаат и со пасош, но не сите имаат пасоши, рече Заев потенцирајќи оти вакви примери, на гласање со истечени лични карти, сме имале и во минатото, рече Заев.

Предлог законот за лични карти инаку е блокиран во Собранието со 1500 амандмани поднесени од опозицијата, од кои 1200 се од партијата Левица.

Со новиот закон за лични карти, предвидено е во личните карти да стои новото уставно име на земјата и тие да бидат двојазични.

На нови лични карти чекаат околу 40 илјади граѓани.