Неубедливата Македонија загуби од Словачка во претквалификациите за СП 2023 – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/21 8:10 PM

Неубедливата Македонија загуби од Словачка во претквалификациите за СП 2023

Инфериорни во сите четири четвртини, на момент незаинтересирани и со поприлично неубедлива игра, македонските репрезентативни кошаркари во последниот натпревар на турнирот во Скопје загубија од Словачка со 71:88 во претквалификациите за Светското првенство во 2023 година.

За среќа, ваквиот пораз не ги промени работите во групата Ф и избраниците на Драган Бајиќ како првопласирана со шест освоени поени и биланс од две победи и два порази, ќе добие шанса да игра за првпат во историјата на едни квалификации за кошаркарски Мундијал.

Практично обезбедената позиција во квалификациите, позиција којашто можеше да биде загрозена само на „хартија“, односно пораз од 60 поени разлика од Словаците, можеби ги пренасочи мислите на нашите кошаркари, а таквите околности доведоа до примени 88 поени, двојно повеќе од првото соочување помеѓу овие две селекции.

Словаците поприлично успешно шутираа од игра во текот на целиот двобој (52,4 отсто), додека пак македонските репрезентативци со 38,5 отсто успешност од игра недоволно добро му парираа на расположениот опонент.

Николов со 17 поени, Мекиќ со 16 поени и Крстевски со 15, односно Вајли со 14 постигнати поени, се запишаа во листата на стрелците за поразениот домаќин, а Фушек со 23 поени и Броѕијански до 17 поени, ја предводеа Словачка до сигурната победа.

 

 

 

Фото:

Facebook / Kошаркарска федерација на РСМ