Шекеринска доби медал за лидерство од САД на Денот на македонската армија  – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/21 1:35 PM

Шекеринска доби медал за лидерство од САД на Денот на македонската армија 

 

На Денот на Армијата на Република Северна Македонија, 18 Август, министерката Радмила Шекеринска доби медал за посебни достигнувања од командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.

“Нејзината визија и ангажман одиграa директна улога за Северна Македонија да стане НАТО сојузник”, се вели во образложението на одлуката.

“Шекеринска имаше витална улога во поддршката и развојот на државната програма за партнерство со Националната гарда на Вермонт. Нејзиниот континуиран ентузијазам во партнерството доведе до забележителни успеси во односите. Нејзиното исклучително лидерство, јасни намери и динамичен ангажман служи како пример за целата програма на државното партнерство” е пораката од Вермонт.

Заблагодарувајќи се на медалот, Шекеринска преку социјалната мрежа Фејсбук истакна дека истиот го посветува на сите граѓани на нашата земја. „Моите заслуги се и нивни заслуги”, порача министерката.

„Овој 18 Август сакам да го посветам на секој припадник на Армијата кој ја оправда службата, го покажа херојството и ја задолжи татковината. Денешното одбележување е посебно и ни дава обврска да се осврнеме на моментите кои уште еднаш ја потврдија силата на Армијата. Кои уште еднаш потврдија дека на мака се познаваат јунаците. Сакам да оддадам неизмерна почит кон сите војници, подофицери и офицери кои повторно станаа наши јунаци кога се соочивме со огнената стихија низ цела држава”, рече министерката Радмила Шекеринска во обраќањето на одбележувањето на Денот на Армијата.

„Пожарите ни ја потврдија и силата на сојузништвото и пријателството. Ниту една држава во нашиот регион, па ни во Европа не можеше да се справи со природните катастрофи сама. Благодарни сме на Словенија, Србија, Австрија, Романија, Црна Гора, Бугарија и Франција, и на НАТО и ЕУ механизмите за цивилна поддршка, за големата помош. Ова лето ни потврди на сите дека климатските промени ќе бидат еден од клучните фактори кои ќе влијаат на нашата безбедност и дека тие диктираат нови потреби и во одбранбеното планирање и во регионалната соработка”, истакна министерката подвлекувајќи дека сојузите, како што рече, значат и одговорност која не ја намалуваат ниту географските дистанци.