Од први септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од денешната владина седница.
За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после први септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД – 19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од пет часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.