Студентка од Кабул за „Гардијан“ раскажува дека околу себе ги видела „исплашените лица на жените и грдите лица на мажите што ги мразат жените“. Сведоштвото ви го пренесуваме во целост:
„Во неделата рано наутро тргнав да одам на настава, кога група девојки од женскиот дом истрча надвор. Ги прашав што се случува, а една од нив ми рече дека полицијата ги евакуира бидејќи талибанците стигнале во Кабул и оти ќе ги тепаат жените кои немаат бурка.
Сите сакавме да си одиме дома, но не можевме да влеземе во јавен превоз. Возачите на автомобили не пуштаа внатре бидејќи не сакаа да понесат одговорност за превезување жени. Беше уште пострашно за девојките кои живеат во студентскиот дом, а не се од Кабул, тие беа збунети за тоа на каде да тргнат.
Во меѓувреме мажите кои беа наоколу се потсмеваа со девојките и жените, исмејувајќи го нашиот терор.
„Оди стави бурка“, рече еден. Друг пак дофрли „Ова е вашиот последен ден на улица“. Трет рече „Ќе се оженам со четири од вас во ист ден“.
Јас за малку требаше да добијам две дипломи од двата најдобри универзитети во Авганистан. Во ноември требаше да дипломирам од Американскиот универзитет во Авганистан и од Универзитетот во кабул, но ова утро се исчезна пред моите очи.
Работев долго и напорно за да станам личноста која сум денеска, но кога стигнав дома утрово, моите сестри и јас прво сакавме да ги скривме нашите лични карти, дипломите и сертификатите. Тоа беше понижувачки, зошто да ги скриваме работите со кои треба да се гордееме? Во Авганистан сега не треба да не знаат како личноста што навистина сме.
Како жена се чувствувам дека сум жртва на политичка војна која ја започнаа мажите. Чувствувам дека не можам гласно да се смеам, да ги слушам своите омилени песни, не можам ни да се сретнувам со пријателите во омилената кафетерија и да го носам мојот омилен жолт фустан со розевото руменило.
Сакам да правам маникир, па денеска враќајки се дома погледнав во козметичкиот салон кој често го посетував. Предниот дел од салонот кој беше украсен со прекрасни фотографии од девојки, преку ноќ беше префарбан со бела боја.
Се што видов околу мене беа исплашени женски лица и грди мажи кои ги мразат жените кои сакаат да се образуваат, да работат и да имаат слобода. Наместо да бидат до нас, тие ги поддржуваат талибанците и им даваат уште поголема моќ.
Авганистанките се жртвуваа многу за онаа мала слобода што ја имаа. Бев сирак и ткаев теписи само за да можам да се образувам. Се соочив со бројни финансиски потешкотии, но имав толку многу планови за иднината. Не очекував дека ќе заврши вака.
Сега ми се чини дека морам да запалам се што постигнав во своите 24 години. Сега е ризично да се има било каков документ за лична идентификација или награди од универзитет. Дури и да ги чуваме нема да може да ги користиме, за нас во Авганистан нема работа.
Не очекував дека повторно ќе ни бидат одземени базичните човекови права и оти ќе се вратиме 20 години наназад. По 20 години борба за права и слобода, ние повторно треба да се покриеме со бурките и да го скриеме нашиот идентитет.
Во последните месеци додека талибанците полека ја преземаа контролата во провинциите, стотици луѓе бегаа од своите куќи и доаѓаа во Кабул за да ги спасат нивните девојки и жени. Сега живеат во паркови и под сино небо. Јас бев дел од група во универзитетот која им помагаше и собираше донации, парични, храна и се што им треба.
Не можев да ги запрам солзите кога ги слушав приказните на овие семејства. Еден човек во војната го имаше изгубено синот и немал пари да си плати такси до Кабул, па во замена за превоз, ја дал својата снаа. Како може вредноста на една жена да биде еднаква со едно патување?
Денеска кога слушнав дека талибанците стигнале до Кабул, почувствував дека ќе станам робинка. Тие можат да си поиграат со мојот живот како што сакаат.
Работев и како наставничка во центар за англиски јазик. Не можам да поднесам дека веќе нема да стојам пред тие деца и заедно да ја учиме и пееме азбуката. Секогаш кога ќе помислам дека моите преубави девојчиња ќе престанат да учат и ќе останат дома, моите солзи не престануваат. “
извор: гардијан
фото