Додека мрдам ќе го пречекувам – Со Нетка Трпческа за домашното воспитување и семејните вредности со кои растел Симон – ММС
ММС

Објавено на: 08/16/21 10:00 AM

Додека мрдам ќе го пречекувам – Со Нетка Трпческа за домашното воспитување и семејните вредности со кои растел Симон

Додека мрдам ќе го пречекувам, го рече ова госпоѓа Нетка, мајка на нашиот виртуоз Симон Трпчески, на Интернационалниот аеродром во Скопје, каде со букет цвеќе го гушна и бакна синот, кој се враќаше од настап. Гушнати мајка и син е слика која предизвикува длабоки емоции и солзи. Велат  годините за љубов не се важни, но кога станува за љубовта на мајката кон своите деца е уште поголема и поважна. Иако Симон е веќе семeен човек, сепак, мајчиното срце продолжува да сака и да се грижи исто како кога бил уште мал и зависел од мајчината прегратка.

-Симон го чекам од првиот момент. Тогаш се’ уште одев на работа, но имав огромно разбирање од колешките и шефицата, ме толерираа ако се погоди јас да бидам на работа, а Симон да треба да се врати. И сум го испраќала секогаш кога сум можела, бидејќи не можев кога внуците беа мали. Само тогаш сум изоставила испраќање.  Мене тоа не ми е само задовлство туку и радост, бидејќи како поминуваат годините,  време и можност  за дружења се помалку и помалку има, ни рече тетка Нетка.

Симон не мора лично да го познавате за да ја видите неговата скромност и домашно воспитување. Во тоа се уверивме уште еднаш и кога ја запознавме мајка му.

-Симон се труди на сите да ни обрне внимание, но сепак, сопругата и дечињата се приоритет. А тоа секако е задоволство за родителот.  Битно е да бидеме добри луѓе. Сега сум само јас, но за насоките во животот заслужен е татко му. Тој му велеше: „Секогаш да внимаваш како постапуваш за да секогаш одиш со исправена глава, за никогаш да не мораш да ја наведнуваш“.  А сигурноста, велеше тој,  доаѓа од знаењето и чесноста.  Па ако сме успеале да направиме таква личност за секој родител е задоволство, ни рече тетка Нетка.

Испраќањето и пречекувањето на Симон почнало од 2000 година, кога Симон стана лауреат на Милениумскиот светски натпревар за пијано во Лондон. Тогаш како поддршка на Симон во Лондон заминал само татко му, но мајка му го пречекала кога се вратиле со награда.

-Главното пречекување со букет беше 2000 година кога тој се врати сам од Лондон, бидејќи татко му немаше билет за да се врати истиот ден со него. Таков беше договорот со Симон. Му рече тогаш на сопругот- ако дојдам до финале тато ќе дојдеш. Така и се случи. А јас не. Зошто? Па тоа беа времиња кога немавме ништо, а имавме се. Тоа беа среќни моменти. Беше многу тешко, но среќата беше преголема. Од тие причини јас не отидов, туку за финале замина само татко му. Знаете,  друго е да биде татко му таму ,а друго е кога е сам. Симон тогаш велеше: „Се’ е убаво, аплаузи, честитки, но кога се враќам во хотел сам сум“. И тогаш на аеродром 2000 година почна се’. Може не секогаш јас сум го пречекувала со цвеќе, но тој од секој настап букетите што му ги даваа ми ги носеше мене. Најголем впечаток ми остави букетот кој Симон ми го донесе од Куала Лумпур.  Преубава декорација беше, ми се чини дека сега уште го гледам пред очи. А често се случувало и кога ќе го пречекам на аеродром да си размениме букети. Јас многу сакам цвеќе, а сега гледам и дека внуката Лара исто многу сака цвеќе, вели мама Нетка.

Дека семејството Трпчески навистина живее скромно и во хармонија покажува и фактот што односот меѓу тетка Нетка и сопругата на Симон е прекрасен.

-Даниела едноставно порасна со нас, многу долги години се знаеме. Не верувам во лутење меѓу снаи и свекрви. Па мене ми е многу мило да гледам дека нивната хармонија е на највисоко ниво. Симон е емотивно многу богата личност, со широко срце и успева да го распредели вниманието на сите. Не знам како успева ништо да не заборава. Јас навистина сум пресреќна мајка. И да, тој е успешен човек, но е и прекрасен син.  И татко му беше богата личност, тивок ненаметлив, а толку многу кажува, ни рече мајка му на Симон.

За љубовта, воспитувањето и скромноста која му ја дариле на Симон, тој им возвратил. За нивната 30 годишнина од брак им приредил патување во Австралија.

-Како мајка секако дека сакав да одам во Лондон да му дадам поддршка, но тогаш немав време да мислам и да запаѓам во мисли зошто не отидов на најважиот датум. Успехот на Симон ми беше поважен. Потоа Симон беше толку благороден, па за 30 години брак на мене и Ѓорги ни приреди патување во Австралија. Да, неговото прво патување во Австралија го посвети на мене и татко му. Инсистираше да одиме. Мене одсекогаш ми беше важно чувството на Симон, а не немањето. Но, ете тој ни возврати. Јас во животот не сум помислувала  еден ден ќе одам во Австралија, но тој рече дека се што има ќе вложи во патувањето во Австралија и ќе одиме сите заедно за 30 години брак.  Навистина беше прекрасно.  А во 2001 година, кога после наградата во Лондон се случи неговиот прв концертт со менаџер сопругот му рече на Симон – јас бев во Лондон, а сега ќе оди мајка ти. Така и се случи. На тој концерт Симон го доби најголемиот букет, не знаеме од кого. Тоа беше толку голем букет што не можевме да го прегрнеме. Навистина има магија кога настапува Симон. По неговиот прв настап кога го свиреше последното дело, мислам дека воздухот трепереше од музика, салата се исполни со звуци од неговата музика. Кога заврши сите станаа да го поздрават и му дадоа цвеќе, што тој потоа ми го подари мене. Тоа беше прв огромен букет што ми го подарил. А моите букети   јас му ги давам на аеродром се скромни, но полни со безгранична љубов, ни рече таа.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски