Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за култура Ирена Стефоска, преку социјалната мрежа „Фејсбук“, изразија жалење и сочуство за смртта на актерката Сабина Ајрула Тозија.
Претседателот Пендаровски на својот профил истакна дека смртта на Сабина е голема загуба за македонската драмска, филмска и културна сцена, но, дека споменот за неа ќе продолжи да живее меѓу публиката, драмските уметници, режисери и продуценти.
-Ми беше голема чест што Сабина ја прифати мојата покана да биде член на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Република Северна Македонија. Нека почива во мир, напиша тој.
Според премиерот Заев, Сабина заслужува вечен аплауз и длабок поклон за нејзиниот артистички оган со кој им вдахна животворен дух на стотина театарски, филмски и телевизиски ликови, кои засекогаш ќе бидат запаметени.
-Со огромно жалење ја примив веста за заминувањето на една од нашите најпознати актерки и доајен на театарската уметност во земјава. Сабина Ајрула Тозија си замина од сцената, оставајќи маркантни траги на театарската сцена кои се инспирација за сите генерации после неа, стои во објавата.
И министерката за култура изрази жалење, со потсетување дека Сабина е ретка ѕвезда на нашите простори која има стигнато до грандиозните турски продукции.
Актерката Сабина Ајрула Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946 година. Почина вчера на 75- годишна возраст.
МИА