Олимпискиот комитет на Австралија го критикуваше строгиот четиринеделен карантин, воведен за 16 спортисти од сојузната држава Јужна Австралија кои се вратија од Олимписките игри во Токио, нарекувајќи ја таквата одлука на властите „сурова и невнимателна“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сите патници што влегуваат во Австралија во периодот на пандемијата на Ковид-19 се подложени на задолжителен 14-дневен хотелски карантин.
Членовите на олимписката делегација на Австралија се вратија во групи, со цел да минат две недели во изолација во разни главни градови на континентот.
Меѓутоа, сојузната држава Јужна Австралија воведе дополнителни 14 дена домашен карантин за оние спортисти што се вратија во земјата по изолацијата во Сиднеј, кој во моментов е затворен поради зголемената бројка на новозаразени со коронавирусот.
Извршниот директор на Олимпискиот комитет на Австралија, Мет Керол, изјави дека одлуката на Јужна Австралија претставува ризик за менталното здравје на спортистите, кои во потполност сите се вакцинирани против Ковид-19, а живееле и се натпреварувале според строгите мерки и пред заминувањето во Јапонија.
„Додека другите земји го слават враќањето на своите спортисти, ние нашите ги подложуваме на најсуров и најневнимателна третман“, рече Керол.
Тој додаде дека спортистите претставуваат исклучително низок ризик за заедницата откако секојдневно се тестирани во текот на изминатите недели.
Министерството за здравство на Јужна Австралија не ја образложи одлуката за одбивањето на барањето на Олимпискиот комитет, 16-те спортисти да бидат исклучени од дополнителната изолација.
Австралија на Игрите во Токио, кои завршија во неделата, испрати повеќе од 480 спортисти, вклучувајќи и 56 од сојузната држава Јужна Австралија, заземајќи го шестото место на табелата со освоени вкупно 46 медали, од кои 17 златни.