Модуларната болница во Куманово од утре повторно се става во функција, откако четвртиот бран на ковид пандемијата зема замав во целата држава.
Сите надежи на медицинскиот персонал дека бранот ќе стигне дури наесен паѓаат со вода со последните податоци на Министерството за здравство кои велат дека од 1-ви месецов, заклучно вчерашниот ден, се регистрирани 120 нови случаи во Куманово.
На Инфективното одделение при кумановската болница, како што информираше денеска директорката Снежана Захариева, хоспитализирани се 16 пациенти.
– Од нив речиси сите се на кислородна поддршка, затоа што хоспитализираме пациенти со средно-тешка клиничка слика, оние што се полесни или одат во дневна болница или дома се лекуваат таблетарно и со симптоматска терапија. Со оглед на тоа што самиот Инфективен оддел нема многу соби, а доаѓаат и пациенти со друга патологија ние од утре ќе ја отвориме и модуларната болница, изјави Захариева.
Ако во претходните бранови имаше проблем со простор, вели Захариева, сега таков проблем нема, благодарение на модуларната болница.
– Ние подолг период еве втора година немаа право нашите да користат годишни одмори, сега се на одмор, едни одат, други се враќаат, така да изминатите денови правевме комбинации за прераспределба на персонал од оние оддели кои не се толку преоптеретени со прегледи и болнички денови на пациенти да ги прераспределиме да бидат во модуларната болница, гледавме да бидат тоа и луѓе со искуство од претходните бранови во работа со ковид позитивни пациенти, додава директорката.
Интенција на болницата е сите оддели да функционираат непречено како што тоа е во овој момент, вели директорката, но доколку дојде до потреба од хоспитализација на голем број пациенти во бранот што се разгорува, ќе се редуцира работата на одредени одделенија.
Никола Ивановски