Агент на ФБИ отпуштен од работа поради СМС пораки против Трамп – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/18 9:24 AM

Агент на ФБИ отпуштен од работа поради СМС пораки против Трамп

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) го отпушти својот заменик помошник директор Питер Строк поради СМС пораки со содржини против претседателот на САД, Доналд Трамп.

Како што објави „Вашингтон Пост“, во една од СМС пораките, кои предизвикаа гнев кај републиканците, е и твредењето на Строк од 2016 година дека ќе го спречи Трамп да победи на претседателските избори.

Строк во своја одбрана тврдеше дека пораките со содржини против Трамп што ги разменувал со својата колешка и љубовница Лиза Пејџ, претставуваат негови лични ставови и дека никогаш не дозволувал неговите убедувања да влијаат врз тоа што го работи во ФБИ.

Во текот на 2016 година Строк раководеше со истрагата околу електронската преписка на поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон, а потоа беше член и на тимот што водеше истрага за руското мешање во претседателските избори во САД истата година.

Трамп го поздрави отпуштањето на Строк, наведувајќи дека тој е еден од лицата на „листата на лоши играчи во ФБИ и Министерството за правда“.

– ФБИ штотуку го отпушти агентот Питер Строк – конечно, објави Трамп на Твитер набрзо по отпуштањето на агентот.