Бебето за кое се смета дека е најмалото родено бебе на светот отпуштено е од болница во Сингапур по 13 месеци интензивно лекување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Квек Ју Суан кога се роди беше тешка 212 грама и долга 24 сантиметри.
Ју Суан е родена во 25. недела од бременоста, што се смета за исклучително предвреме.
Претходната „рекордерка“ беше девојче родено во САД, која при раѓањето во 2018 година била тешка 245 грама.
Ју Суан е родена со царски рез, четири месеци порано од нормалниот термин за пораѓање, откако на нејзината мајка ѝ е дијагностицирана прееклампсија, многу висок крвен притисок што може да ги оштети виталните органи на мајката и на детето.
Денес таа е тешка 6,3 килограми. По раѓањето лекарите во Националната универзитетска болница во Сингапур не ѝ давале високи шанси дека ќе преживее.
„И покрај сѐ, компликациите по раѓањето, таа ги инспирираше луѓето околу себе со истрајноста и растот, што ја прави исклучително Ковид-19 бебе – трошка надеж среде ужас“, се наведува во соопштението на болницата, пренесува „Би-би-си“ (BBC).